еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

Невакцинираните работници во Грција од септември на свој трошок ќе треба да се тестираат еднаш или двапати неделно

Затворени простори само за вакцинирани; задолжителни рапид тестови еднаш или два пати седмично за невакцинираните вработени во јавниот и приватниот сектор, но на сопствен трошок, по десет евра од тест; задолжителен негативен тест за патување со брод, автобуси, воз или авион за невакцинираните, се дел од мерките во Грција, кои стапуваат во сила на 13 септември и ќе важат до 31 март следната година, а ги соопшти министерот за здравство Василис Кикиљас, а, јави дописничката на МИА од Атина.

Кикиљас истакна дека согласно податоците од Националната организација за јавно здравје, над 90 отсто од пациентите на Одделите за интензивна нега наменети за Ковид-19 се невакцинирани и потенцираше дека нема повторно болниците да станат само ковид центри.

Мерките што ги соопшти ќе бидат за периодот од 13 септември 2021 година до 31 март 2022 година и пред сè се однесуваат на невакцинираните граѓани.

Поконкретно, како што пренесува МИА, невакцинираните вработени во приватниот и јавниот сектор ќе треба еднаш седмично да се тестираат со рапид тест, исклучиво во приватните дијагностички центри, тестот ќе биде десет евра, а невакцинираните сами ќе си ги покриваат трошоците.

За невакцинираните вработени во туризмот, образованието, угостителство, во телевизиските, театарските, кинематографските и музичките продукции, како и за студентите задолжени се два тестови седмично, кои исто така ќе ги чинат по десет евра од тест и ќе бидат на сопствен трошок.

За учениците, задолжителни се два селф теста седмично, кои ќе бидат бесплатни.

Граѓаните кои планираат да патуваат со автобус, воз, брод или авион кон сите дестинации во Грција, а се невакцинирани, ќе треба, 48 часа пред патувањето да направат брз рапид тест, исто така по цена од десет евра.

Во однос на тестовите, Кикиљас соопшти дека од 13 септември во државните дијагностички центри, тестовите ќе бидат бесплатни само за вакцинираните или за лицата со симптоми.

За невакцинираните, за онаму каде што ќе им бидат потребни негативни рапид тестови, ќе треба на свој трошок да се тестираат.

Влез во внатрешните делови на кафулињата, баровите, рестораните, таверните, ноќните клубови, како и во спортските сали, од 13 септември ќе биде дозволен само за вакцинирани лица и за оние кои во изминатите шест месеци прележале Ковид-19.

За театрите, музеите, археолошките локалитети, како и за фитнес центрите и спортски клубови, влез е дозволен за вакцинирани, за оние кои прележале, но и за оние кои имаат негативен тест направен 48 часа претходно.

За употребата на маска, и понатаму задолжителна е во затворените простори, но и надвор доколку има гужва.

Кикиљас, потсети дека на принуден одмор, од 1 септември ќе бидат здравствените работници и вработените во болниците кои ќе одбијат да се вакцинираат, а задолжителната вакцинација се однесува и на приватни лекари и на фармацевтите.

Паралелно, истакна дека за да се стигне до посакуваниот колективен имунитет од 80 отсто, потребно е да се вакцинираат уште околу еден милион граѓани.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Задолжителна вакцинација на здравствените работници планира Србија

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Првомајска забава на мечките на Шар Планина

Редакција

Скопски Аеродром има повеќе активни случаи на Ковид-19 од Куманово, Штип и Тетово

Редакција

Каков имот пријавиле директорите во М-НАВ, кои според Синдикатот го оспоруваат огласот за контролори на летање

Редакција