еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Нова јавна кавга меѓу Пендаровски и Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и претседателот на Македонија, Стево Пендаровски повторно се скараа, овојпат за прославата на мечкин камен за големиот празник Илинден.

Пендаровски во писмено соопштение реагираше на изјавата на Мицкоски по повод празнувањето на Илинден во Крушево. Пендаровски, како што се наведува во реакцијата од неговиот Кабинет, е крајно непријатно изненаден од квалификацијата на Мицкоски, според која, денешното чествување на најголемиот македонски празник – Илинден, во Крушево ќе биде „циркуски церемонијал“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мицкоски нема да присуствува на прославувањето на Илинден во Крушево, организирано од Пендаровски

– Не се памети, години наназад дека некој наш политичар искажал толку длабоко непочитување кон најголемите херои, креативци и артисти на македонскиот народ и македонските граѓани, со целосно потценување на фактот дека државна делегација на чело со претседателот Пендаровски ќе положи венец и свежи цвеќиња на гробот на првиот претседател на Крушевската република, Никола Карев, на паметникот на хероите на Слива и на самиот Мечкин Камен, а ќе биде присутен и на Панихидата во чест на хероите и нивното дело во црквата „Св. Никола“, стои во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.

Меѓутоа, имајќи го во предвид фактот дека според Мицкоски чествувањето на Илинден во Крушево на 2 Август ќе биде „циркуски церемонијал“, додаваат оттаму, тогаш не изненадува неговата одлука најголемиот македонски празник да го чествува во Ташмаруништа, наместо во Крушево. Најверојатно затоа што борбите кои се водени во тој крај се далеку позначајни од борбите за ослободување на Крушево со кои се удрени темелите на македонската држава.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Нема да има говор на Мечкин камен за 2 Август, Пендаровски ги кани Заев, Џафери и политичките лидери заедно да го слават Илинден

Пендаровски жали што неговиот искрен обид за надминување на длабоките политички разлики барем на Илинден не беше разбран од дел од политичките лидери за кои партијата е сѐ уште пред државата. Независно од тоа, претседателот ќе продолжи да работи во иста насока, секогаш имајќи ги во преден план државните и национални интереси, стои во соопштението од Кабинетот на претседателот.

На соопштението на Пендаровски на Фејсбук реагираше Мицкоски.

“Политичар кој се плаши од својот народ треба веднаш да се спакува и да ја напушти политиката. Лидерство се покажува и во добри и во лоши моменти.

Непочитување кон жртвата на хероите дадена за Македонија, македонскиот народ и нација претставува токму “циркузантската” минијатура во форма на мини колона која треба да ја предводи претседателот, обезбедувана од два баталјони полиција без присуство на народ, во време кога пред 118 години хероите во Крушево ја завршиле работата.

Жалам што поради сопствениот страв од соочување со народот, големата лична суета и елитизмот сакате да обезличите настан кој не е на политичарите, туку тоа е настан на народот. Народот кој се борел за Македонија, кој се бори и ќе продолжи да се бори.

Вие еден ден нема да бидете претседател и ќе заминете, ќе Ве паметат по тоа што ќе оставите позади Вас, но ќе Ве запаметат и по оваа кукавичка одлука да му го одземете на народот чествувањето на жртвата на Илинденците.

Со кое право цензурирате традиција, тоа не го правеле ниту поробувачите, ниту комунистите, ниту најголемите негатори на македонскиот народ, посебност, култура и обичаи? Ве советувам да размислите за одлуката, не му го одземајте на народот тоа малку достоинство што му е преостанато.

Оставете ја традицијата и обичаите да бидат такви какви што од баба на внук се пренесувале.

На Илинденците, Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми и останати не им требала лажна политичка порака за обединување, не им треба политички шпалир за да сите до еден го положат својот живот за Македонија, тоа го почувствувале, се прегрнале, Македонец со Влав, Македонец со Албанец со Турчин… и го дале својот живот за својата Македонија. Македонија може и без Вас и без мене и без политичарите, но што сме ние без неа и народот!?

И на крај, честит Илинден! Да е жива Македонија!“, напиша тој

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Отец Пимен: Како да го разберам претседателот што ќе оди на Мечкин камен на кафе наместо на чествување на непокорот?

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Се огласи сопругата на Јанакиески: Љубов моја не застанувај, бори се за правдата

Редакција

Светиот архирејски синод на МПЦ-ОА ги поздрави одлуките на помесните цркви за признавање на нејзината автокфалност и за евхаристиско и канонско општење

Редакција

(Видео) Драма на пат во Србија: Случaен минувач спаси бебе во автомобилот пред него, кое поради температура изгубило свест

Редакција