еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Нова реалност: Купена облека ќе пробуваме дома, во ресторан разделени со плексиглас, на забар ќе ни мерат температура

Облеката која ќе ја купуваме поради пандемијата со корона вирусот, нема да може повеќе да ја пробуваме во бутик, туку дома.

„Тоа го правиме за да се заштиме и ние вработените, но и да ги заштитиме нашите купувачи. Затоа облеката која ќе ја купуваат граѓаните ќе ја пробуваат дома. Доколку сакаат да ја вратат истата откако дома ќе ја пробат, нивните пари ќе бидат вратени.

Ние секоја вратена облека ќе ја дезифинцираме“, објаснуваат за еМагазин од неколку бутици во Сити мол во Скопје.

Истите правила ќе важат и за обувките, а новина е и тоа што во дел од бутиците повеќе нема да има тастери за парфеми.

Моливите од затворен тип во земјва беа затворени речиси два месеци поради пандемијата со коронавирусот. Од денеска тие почнаа со работа, но со скратено работно време, од 10 до 18 часот, а ќе бидат затворени во недела.

Вработените во моловите задолжително треба да носат заштитни маски и ракавици, а купувачите само заштитни маски. Лицата над 65 години ќе бидат ограничени, односно ќе можат да пазаруваат до 12 часот.

МАСКИТЕ СЕКОЈДНЕВИЕ

Новиот начин на шопинг е само еден сегмент од новата реалност во која живеат граѓаните на Македонија и целиот свет во време на пандемија со коронавирусот, за кој се уште нема конкретна терапија, а реално вакцина се очекува дури следната година.

Нова реалност е и задолжителното носење на маски, кое ќе продолжи и по престанокот на вонредната состојба која е прогласена во земјава.

Со Уредба, македонската Влада на пр., планира да ги продолжи строгите правила за посета на банка поради спречување на ширење на корона вирусот за уште 200 дена по завршувањето на вонредната состојба, односно ако по третпат биде продолжена истата, што е голема веројатност, некаде до средината на јануари, 2021 година.

Тоа значи дека до тогаш банките нема да смеат да пуштаат клиенти кои не носат маска, шал или марама како заштита.

Личната заштитна опрема стана задолжителна за сите граѓани во земјава од 30. април.

Тие мора да се носат на многу места, а за непочитување на оваа владина мерка се предвидени и казни, во висина од 20 евра за физичките лица, а за компаниите каде не се почитуваат мерките за носење заштитна опрема за вработените и посетителите, предвидена е казна од 2.000 евра.

ВО РЕСТОРАН НА РУЧЕК РАЗДЕЛЕНИ СО ПЛЕКСИГЛАС

Деновиве во Македонија по посебен протокол треба да почнат да работат и угостителските објекти.

Угостителскиот сектор е еден од најпогодените од „корона-кризата“, и угостителите со кои разговараше еМагазин не се големи оптимисти дека и ре-отварањето, ќе им помогне многу, но се е добредојдено.

Пред се поради тоа што ќе опслужуваат многу помал број на гости и ќе работат со ограничено време, но и за почеток ќе можат за гости да ги користат само отворените тераси.

Некои од нив масите во рестораните ќе ги разделуваат со плексиглас.

„Тоа го правиме за да дополнително ја зголемиме безбедноста на нашите гости“, велат угостителите, кои посочуваат дека ќе направат се што треба за да ги убедат гостите да се вратат и да се чувствуваат безбедно.

Плексигласот си најде намена и како материјал за кабини на плажа.

Неодамна на грчкиот остров Санторини, една од најмондемските и најскапите туристички дестинации во светот, на плажата Периса, позната по црниот песок и најголемата плажа овде, хотелот „Suites of Gods“ почна со поставување на лежалки заштитени со плексиглас.

Лежалките се поставени на растојание од 4 метри, а плексигласот ги покрива само левата и десната страна.

Во Грција за разлика од кај нас со работа почна и големата забавна индустрија, а плексигласот си најде место и во овој сектор. Па така судиите на талент шоута се разделуваат со плексиглас.

Мислењата за зголемената употреба на плексигласот се поделени. Според некои експерти тоа е премногу, нападно и непотребно, други пак велат дека тоа е новата реалност и дека тоа решение нуди поголема заштита.

НА СТОМАТОЛОГ ЌЕ НИ МЕРАТ ТЕМПЕРАТУРА

Во Македонија почнаа да работат и стоматолошките ординации.Тие ќе работат со рестриктивен режим на работење, изготвен од страна на Стоматолошка комора на Македонија.

Па така според протоколот кај забар ќе ни се мери и температура, но и ќе треба да потпишеме согласност за интервенција.

“При влез во ординацијата пациентите по оставање на личните предмети задолжително треба да си ги измијат рацете со сапун и потоа да ги дезинфицираат со дезинфициенс за раце на база на алкохол (најмалку 60- 70%, по што е задолжително мерење на телесна температура со термометар (препорачан е безконтактен термометар) и утврдување на негов здравствен статус (на пр.дали кашла или има други видливи симптоми кои може да упатуваат на Ковид- 19 инфекција).

Пациентот задолжително мора да одговори на прашањата од анамнестичко епидемиолошки прашалник, како и да потпише согласност за интервенција/стоматолошко лекување во услови на пандемија на Ковид-19“, стои во протоколот.

Приватните стоматолози со кои разговараше еМагазин велат дека ќе го почитуваат протоколот, но и потенцираат дека со примена на новите мерки трошоците за работење ќе им се зголемат, а истовремено ќе им се намали бројот на пациенти.

НЕМА ГУШКАЊЕ, РАКУВАЊЕ И БАКНУВАЊЕ

Граѓаните полека се навикнуваат на новата реалност, но по се изгледа најтешко ќе се прилагодат на тоа дека поради превенција од вирусот, не треба да се гушкаат, бакнуваат и ракуваат кога ќе се сретнат со роднини, пријатели, познаници…, што е дел од традицијата овде.

А колку тоа може да биде опасно кога е во прашање Ковид-19 покажаа неколкуте нови кластери на заразени со коронавирусот во Скопје, каде вкупно на национално ниво има најмногу заразени со вирусот, активни случаи, но и починати.

Овие кластери се од семејни настани, а знаеме како изгледаат тие, со многу гушкање и бакнување…

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Македонски маски, визери, тунели за дезифенкција, скафандери: Коронавирусот отвори и нови бизнис можности

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Снежна бајка на Попова Шапка, Кожуф, во Маврово…

Редакција

Бугарското МНР со честитка за Илинден: „Заедно го чуваме сеќавањето за подвигот на борците за слобода и рамноправност“

Редакција

(Фото) Превентивна активност на СВР Тетово: Макета на полицаец сo радар, ќе ги „заплашува“ возачите во тетовско

Редакција