еМагазин
Image default
Македонија

Нови рочишта за „Тендери“, „Тарифа“ и раздвоената постапка за „Насилство во Центар“

Во Кривичниот суд за денеска се закажани нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) „Тендери“, „Тарифа“ и раздвоената постапка за „Насилство во Општина Центар“.

Минатото рочиште за случајот „Тендери“, каде првообвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска за тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност од проектот „Скопје 2014“ не се одржа, бидејќи судиите што судат во овој случај во исто време имаа судење за предметот „Топлик“.

Случајот „Тендери“ се наоѓа во доказна постапка. Според обвиниението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа-Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.

Во судот денеска треба да се одржи рочиште и за предметот на „Тарифа“, во кој се обвинети поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.

Според  СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.

Судското рочиште денеска треба да се одржи и за раздвоената постапка за случајот „Насилство во Општина Центар“.

Во овој случај обвинети се 14 лица, меѓу нив и поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство во Унгарија, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова.

На претходните рочишта, вината за случувањата пред Општина Центар вo јуни 2013 година, ја признаа четвртиот обвинет, Томислав Лазаров и петтиот обвинет Јордан Ристевски.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Вкупно 7.710: Од Ковид-19 починале 8 лица, дополнително пријавени уште 7

Редакција

Генералниот секретар Рашковски ќе тужи партии, новинари и медиуми

Редакција

Починаа 26 лица од Ковид-19, вкупната бројка достигна 2.147

Редакција