Во Основниот кривичен суд Скопје денеска треба да се одржат нови рочишта за случаите „Траекторија“ и „Тарифа“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
Случајот „Траекторија” се наоѓа во доказна постапка и во него се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, на кого му се суди во отсуство, екс-министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски и екс-директорот на ЈП Државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејства со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатиштата Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Со тоа му нанеле штета на Буџетот од најмалку 155 милиони евра.
Во судот денеска треба да се одржи рочиште и за предметот на „Тарифа“, во кој се обвинети поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.
Според СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“.
Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.
МИА