Во завршна фаза е изградбата на новиот конак при Лешочкиот манастир чии темели беа поставени и осветени на 1 февруари годинава. Објектот веќе го добива својот надворешен лик.
„Изграден е објектот во фаза на карабина, со поставени врати и прозорци. Сега се одвива поставувањето на камен на дел од надворешната фасада како што беше поранешниот помошен објект на тоа место. Потоа ќе следуваат работи во внатрешноста како и хортикултурно уредување“, информираат од тетовско-гостиварската епархија
Објектот се гради при самиот влез во манастирскиот комплекс Свети Атанасиј во Лешок на местото каде порано беа помошни простории и остава од манастирот. Средствата се од донации на верниците.
„Постоеше потреба за еден посовремен конак каде што би можело да се сместат посетители, да се одржуваат состаноци на црковно ниво, да има апартмани за престој на владиците, кујна и трпезарија. Ќе биде на два ката“, истакнуваат од епархијата.
Објектот ќе претставува западно крило на конакот и ќе има 750 квадратни метри. Од епархијата ги повикуваат сите верници и добронамерници да го помогнат завршувањето на конакот.
МИА/Фото: МИА