еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Од Фондот за здравство тврдат дека податоците на граѓаните се безбедни и дека не се украдени

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ги демантира наводите дека податоците на граѓаните се украдени и уверува дека здравствените и личните податоци на граѓаните се целосно безбедни.

– Како што ја информиравме јавноста уште од почетокот, при сајбер нападот немаше излевање на податоци надвор од базите на Фондот. Тоа го потврди анализата на експертските технички тимови.

Оттука, децидни сме дека, податоците на корисниците на здравствени услуги вклучително и личните податоци се безбедни и заштитени и нема неовластено преземање на личните податоци, потенцираат од Фондот.

Во моментов, како што велат оттаму, апликативните решенија/софтверот и базите на податоци се изолирани од делот на системот којшто беше предмет на напад и се финализираат сите активности за прочистување и проверка на целокупниот систем на Фондот за здравство за да се обезбедат услови за повторно вклучување во нормален режим на работа.

Нагласуваат дека со помош на тим од локални и странски експерти се работи на рестартирање на системот со цел негово враќање во првобитната форма.

– Експертскиот тим кој работи на солуциите посочува дека не постои еден и единствен начин како се надминуваат предизвиците што ги предизвикува одреден сајбер напад, бeз разлика каков вид е истиот, и токму затоа, на домашните и странските тимови им е потребно повеќе време за надминување на штетите кои ги предизвика нападот, велат од Фондот за здравство.

Ги демантираат и наводите дека соработниците на Фондот не работеле согласно процедурите со кои се обезбедуваат податоците на Фондот.

– Сите наши соработници и сите вклучени во изнаоѓањето на солуции за предизвиците кои произлегоа од сајбер нападот, имаат долгогодишно искуство и се реномирани чинители во своите дејности и сметаме дека е неумесно да се доведува во прашање нивното знаење и експертиза и да се руши нивниот углед. Во оваа прилика, Фондот изразува благодарност за посветената работа на сите технички тимови кои работат секојдневно и посветено.

Од Фондот посочуваат дека постепено се враќаат функциите на системот, а по добивањето на податоците од ЈЗУ, како што велат, веќе од наредната недела се очекува и исплата на платите на здравствените работници.

– Фондот за здравство им се заблагодарува и на здравствените работници и на граѓаните за трпението и за разбирањето. Нашата заложба е секако враќање на сите функции на системот што поскоро на што се работи 24/7. Воедно апелираме до сите чинители за одговорно однесување и воздржување од шпекулации кои потенцијално и непотребно би предизвикале паника кај граѓаните, наведуваат од Фондот за здравство.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Системот на ФЗО хакиран со „ransomware“, хакерите бараат откуп за да го “ослободат“

Странци ќе го оправаат системот на Фондот за здравствено осигурување по хакерскиот напад

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Спасен манастирот „Св Петка” кај Пехчево

Редакција

Драган Наков избран за генерален директор на Фершпед, а за негов заменик Иван Петровски

Редакција

Продуцентите на „Балканска приказна“ демантираат дека е нивно возилото што пропадна на плоштад „Македонија“

Редакција