Советот за оцена на обвинителниот акт при Основниот кривичен суд Скопје донесе решение со кое обвинителниот акт КО бр 21/19 поврзан со настаните од 27 април 2017 година во Собранието на РМ, се одобрува во целост.
– Заради интерес на медиумите, ја информираме јавноста дека Советот за оценка на обвинителен акт надлежен да постапува по обвинителниот акт КО бр 21/19 поврзан со настаните од 27 април 2017 година во Собранието на РМ, по одржана јавна седница како и ценење на фактите и доказите во истиот, донесе решение со кое обвинителниот акт се одобрува во целост, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
По веќе оценетиот обвинителен акт, како што велат од Судот, формиран е кривично- правен предмет кој согласно АКМИС – системот ќе биде распределен кај судија на понатамошно постапување за што странките и јавноста ќе бидат дополнително информирани.
Тоа значи дека на поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, актуелниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, и на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски, ќе им се суди за организација на настаните од 27 април 2017 година во македонското Собрание.
Тие се обвинети за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.
Со оваа истрага беа опфатени и експремиерот, кој стана азилант во Унгарија, Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски, кој е исто така во бегство, но затоа што тие се во бегство, постапката за нив ќе продолжи кога тие ќе бидат пронајдени.
Најобемниот предмет за настаните од 27 април заврши со првостепена пресуда. Во него беа опфатени 33 лица, а 15 од нив добија амнестија со закон што Собранието го донесе во 2018 година.
Од останатите, оперскиот пејач Игор Дурловски доби ослободителна пресуда, а другите добија вкупно 211 години затвор.
Највисока казна доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков – 18 години затвор.