Министерот за надворешни работи Бујар Османи најави дека ќе ги вложи сите напори во среда да биде во Скопје и да се обрати пред пратениците и членовите на Комисијата за надворешна политика во Собранието.
Побара од пратеникот Антонио Милошоски, претседател на Комисијата да ја закаже и седницата и да бидат избрани новите амбасадори.
-Ќе ги вложам сите напори да ја прекинам тековната дипломатска офанзива за во среда на неколку часа да бидам во Скопје за да се обратам пред пратениците и членовите на Комисијата за надворешна политика во Собранието на Република Северна Македонија.
Очекувам најмалку со иста ревносност претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски, да ја закаже и седницата на која ќе ги претстават тезите и избраните амбасадори, со што ќе се отвори патот за нивно упатување во земјите на покривање, напиша Османи денеска на Фејсбук.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Комисијата за надворешна политика, Антонио Милошоски денеска соопшти дека за среда во 15:00 часот ќе закаже седница на Комисијата и ќе го повика министерот Османи да ги претстави предлог Акцискиот план и предлог-патоказот за кои премиерот Зоран Заев и специјалниот пратеник Владо Бучковски преговараат со Софија.
Милошоски, кој ова го објави на својот профил на Фејсбук, напиша исто така дека протестите на опозоциската партија продолжуваат и во понеделник и во вторник пред Министерството за надворешни работи од 17 до 19 часот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нема потреба од протести, подготвен сум да реферирам пред пратениците, вели министерот Османи
МИА/Фото: МНР