еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

Отворено со Атиџе, ѕвездата на „Медена земја“: Обожавам да пеам, сакав да станам пејачка

„Пази што ќе помислиш“, вели стара поговорка, а ѕвездата на македонскиот документарец „Медена земја“, Атиџе Муратова е вистински доказ дека човек никогаш не треба да губи надеж и дека соништата и желбите навистина се остваруваат.

Денес, кога „Медена земја“ се прикажува на различни страни на светот и собира бројни награди и признанија и животот на Атиџе е сменет на подобро.

Таа повеќе не живее во трошната куќа, која чиниш секој момент ќе падне, во излораното селце Бекирлија, каде беше снимен документарецот и каде таа живеела со нејзиното семејство со децении.

“Од секогаш верував дека еден ден ќе бидам нешто. Постојано очекував некој да се појави на вратата и се да се смени на подобро. Господ е голем“, раскажува за еМагазин, нашата Личност на годината, Атиџе.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Личност на годината на еМагазин: Атиџе Муратова

И навистина за нејзе се е поразлично денес. Сега благодарение на „новата“ фамилја, екипата на „Медена земја“ и донации таа живее во нова куќа во селото Дорфулија.

“Тоа најмногу ме направи среќна“, вели таа.

Најтешко ми беше за мајка ми

Животот на оваа храбра жена не секогаш и се смеел. Како што раскажува поминала низ бројни тешки периоди, а како што вели најтешко и било тоа што се грижела четири години за својата неподвижна мајка.

Во текот на снимањето на документарецот, на 28 јануари минатата година таа почина и Атиџе остана сама во дивината.

“Секако, тешко е жена да живее сама во таква пустелија. Ми остана само кучето и моите пчели. Не дај Боже нешто да се случи, нема ни кој да ти помогне, бидејќи во близина не живее никој“, раскажува таа.

Најголема љубов пчелите

Она што најмногу ги фасцинира тие кои го гледаа „Медена земја“ е мотото на Атиџе, дека дел од медот треба да го остави на пчелите, а дел да го земе таа. Денеска ретко ќе сретне човек што сака да дели, сите сакаат само да земат.

Нејзиното семејство како што раскажува отсекогаш одгледувало пчели.

Таа има и тројца браќа, а постариот ја научил да собира мед од пчелите, кои не ги одгледувале во кошници, туку во карпи, дрво…

Атиџе собира мед веќе 40 години.

„Од секогаш сакав да заминам во град и таму да работам било што. Тоа ми беше голема желба. Но на крај сепак поради склоп на околности останав во Бекирлија. Пчелите ми се најголемата љубов. Секој ден си разговарам со нив и се грижам за нив, како што и тие се грижат за мене„, вели таа.

Кога била мала се плашела од нив, а денес и се први пријатели.

“Да те касне пчела е многу здраво. Тоа е вистински лек и не ти требаат инјекции“, вели Атиџе, која прави и лекови со мед.

“За настинка или ако те боли грлото е одлично една лажичка мед во топла вода со малку лимон“, вели таа.

Раскажува дека не се заработува многу од продавање на мед, но тоа никогаш не ја натерало да се откаже од пчелите или да биде алчна.

Сакав да бидам пејачка

Освен пчелите, Атиџе сака и многу да пее.

“Од секогаш сакав да бидам пејачка“, раскажува таа и вели дека и самата создава песни. Не ги запишува, туку како што вели ги знае напамет.

И во текот на разговорот имавме чест да слушнеме нејзини песни.

Пејачка се уште не станала, но е одлична актерка.

Кога прв пат летав со авион се чувствував како птица

Она што фасцинира е колку целосно се вклопила во промоцијата на “Медена земја“, па најпрофесионално се појавува секаде каде што треба, трпелива е со интервјуата и нема проблем да позира, како да е родена за да биде пред камера.

Па така да неодамна беше и во Њујорк, Швајцарија, Турција…

„Да бидам искрена не ни знаев за Њујорк. Знаев за Америка. Не се плашев кога прв пат треба да летам со авион. Се чувствував како птица која лета. Проблем ми е само што не знам јазик. Зборувам само турски и македонски. А сакам да зборувам со сите“, вели таа.

Најимпресионирана е од Швајцарија.

„Колку убава природа. Колку убава земја. Таму се чувствував како дома“, вели Атиџе, која често ќе ја сретнете по аеродромите по светов и бидете сигурни дека ќе застане со вас да направите селфи. Сега и таа има мобилен.

Во животот работела и земјоделие, нејзиното семејство одгледувало тутун, па понатаму освен со пчелите планира да се занимава и со тоа.

И секако, Господ е голем, може на Атиџе да и донесе уште многу работи, кои ги немала, а ги посакувала. Тоа сигурно ќе се случи.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Стечајот на Еуростандард банка ја „парализира“ Поштата: Запрено плаќањето на сметките, исплата на пензии…

Редакција

Нефи Усеини од ДУИ веќе не е советник во Советот на Охрид, поднел оставка од лични причини

Редакција

СЗО: Барањето за евакуација на пациенти во Газа е „смртна казна“

Редакција