Работната група против забраната за движење во шума со над 1.100 членки – организации и физички лица денеска соопшти дека испратила писмени реакции до Владата и министерствата за земјоделство и за внатрешни работи со кои бара укинување на оваа мерка.
Во тек е, како што информира Работната група, и петиција против мерката, која ја имаат потпишано над 5.300 лица.
Планинарите и рекреативците бараат и средба со министерот за земјоделство и со претставник од ЈП „Национални шуми“, како и од Министерството за внатрешни работи во најкус можен рок
Според нив, во контекст на мерките против вирусот, дополнителни забрани за движење и рекреација се спротивни на препораките за здравје од Светската здравствена организација (СЗО).
Забраната за движење во шума и рекреативни места е кршење на човековото право на слободно движење и кршење на уставно право на граѓаните.
„Бараме отчет врз база на која анализа, индикатори и аргументација се донесе мерката, без консултативен процес со засегнати страни – граѓаните, на тотално недемократски и авторитарен начин.
Сметаме дека оваа мерка не е целисходна – се објавува во период кога голем дел од планинските и шумските предели се уште се под снежна покривка или се со влажна почва од неодамнешните врнежи, а временските прилики не сугерираат поволни услови за ширење пожари.
Планинарите и рекреативците не се закана за ширење пожари. Целосно е неразумно Владата и институциите да воведуваат дополнителни отежнувачки мерки кои крајно негативно ќе влијаат на психофизичката состојба на значителен дел од популацијата, укинувајќи ги сите опции за разумно и одговорно изложување на сончевите зраци и благотворното дејство на кислородот и чистиот воздух“, наведува Работната група.
Оттаму додаваат и дека на прес-конференцијата што ја одржа Министерството за земјоделство на 18 април 2020, мерката за забрана била делумно објаснета, а суштинските прашања и информации останале неразјаснети и недефинирани, особено прашањето зошто под изговор за пожари во влажен годишен период, рестрикцијата се префрла на грбот на планинарите и рекреативците кои се љубители на природата.
„На прес конференцијата во Владата на 18 април 2020 од страна од страна на министерот за земјоделство беше појаснето дека мерката значи делумна забрана т.е. делумно ограничување на движењето. Тој спомна дека се однесува на шумите кои ги стопанисува ЈП Национални шуми, а тоа се 90 отсто од шумите во државата.
Спомна дека забраната не се однесува на заштитени подрачја, парк-шуми, излетнички места и националните паркови. Нема објавено никаде точна инфромација со дистинкција кои планински подрачја спаѓаат под Национални шуми, а кои не“, велат од Работната група.
Тие сметаат дека како сериозна Влада која треба да работи во интерес на граѓаните и своите политики да ги базира во функција на благосостојбата на граѓаните, треба да има координиран пристап меѓу државните органи, а не поединечни министерства да носат на своја рака вакви изолирани, авторитарни и контрапродуктивни одлуки.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во црква може, во шума не може: Чудната логика предизвика „социјален пожар“
Граѓани покренаа петиција против забраната за движење во шума