По синоќешниот земјотрес во Битола превентивно затворена е една детска градинка која работи во состав на детските градинки „Мајски цвет“, а одлуката е донесена со цел да стручни лица да извршат дополнителна проверка за безбедноста на детската градинка, изјави градоначалникот Тони Коњановски.
На прес конференција во Битола Коњановски потврди дека веќе е формирана мешовита стручна комисија за утврдување и проценка на штета по синоќешниот земјотрес во тој град.
-Синоќа излеговме на терен, ги обезбедивме сите информации од Итната медицинска помош и противпожарната единица и како Кризен штаб заклучивме веднаш да се формира комисија за проценка на штетите во која ќе учествуваат и претставници од Институтот за земјотресно инженерство во Скопје.
Важно е дека по синоќешниот земјотрес нема повредени лица, а за штетите во домовите на секое семејство ќе има соодветно обесштетување, посочи Коњановски.
Општинскиот кризен штаб дискутирал за актуелната ковид-состојба во градот која, како што рече градоначалникот Коњановски, во овој период ескалира.
-Информирани сме дека во битолската Клиничка болница хоспитализирани се 17 лица, но голем е бројот на здравствени прегледи во амбулантите. Апелирам граѓаните да ги почитуваат ковид-мерките, како лекар препорачувам граѓаните да се вакцинираат затоа што вакцината штити и од потешки форми на заболувања, нагласи Коњановски.
Од Општинскиот кризен штаб информираа дека водата за пиење во градот е здрава, квалитетна и безбедна за пиење.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Детали за земјотресот од Сеизмошока опсерваторија при ПМФ
МИА/Фото: Општина Битола