Во врска со починатата пациентка од Берово, постапено е по наредбата на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ). Направен е записник на Комисијата за контрола на квалитет на здравствени и етички прашања и доставен е до Инспекторот, се вели во денешното соопштение до медиумите од директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев во врска со случајот со 41-годишната беровчанка, која на 14 ноември почина на Инфективното одделение во Штип.
Тој забележува дека се што понатаму ќе биде побарано од страна на надлежните институции ќе биде испочитувано.
– Уште еднаш би апелирал да престанат нападите на трудот на медицинските работници, во борбата со ова зло кое го покоси буквално целиот свет. Да ги почитуваме здравствените работници, да ги почитуваме мерките за заштита, бидејќи состојбата и така е премногу тешка, вели во соопштението Ѓеорѓијев.
Министерот за здравство, Венко Филипче утринава по добиените извештаи од комисијата на штипската болница и на Државниот здравствен и санитарен инспекторат побарал вонреден стручен надзор од Лекарската комора. Стручни лица, лекари од Лекарската комора ќе бидат дел од комисијата, којашто ќе работи на овој вонреден стручен надзор и ќе даде мислење за случајот.
За колку време ќе го заврши овој случај комисијата според законот не е утврдено, но откако ќе го направи извештајот, во тој случај во рок од осум дена треба да го извести министерот за здравство.
Досега Министерството за здравство до Лекарската комора има испратено вкупно десет случаи за починати пациенти низ болниците во земјава, а денеска се пристигнати уште два случаи. Станува збор за починати пациенти во Струмица, Свети Николе, Битола, Тетово, Кавадарци и Ресен.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/Фото: Општина Штип