еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Повеќе нема деца во Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје

Повеќе нема деца во Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје. Од пред неколку дена тие се сместени во четири мали групни домови и згрижувачки семејства. Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и претставникот на УНИЦЕФ во Македонија Бенџамин Перкс денеска ги посетија децата кои што од неодамна се сместени во една од куќите во Скопје.

„Како што ветивме, до почетокот на второто училишно полугодие го трансформиравме и домот „11 Октомври“. При тоа водевме сметка децата да останат во близина на училиштето кое што го посетуваат и да не ги разделуваме децата коишто се братчиња и сестрички. Процесот на деинституционализација тече подобро од очекуваното, досега бројот на деца сместени во институции се намали за 60%.

Нашите заложби како Влада се до 2020 година да нема повеќе деца под 18 години во големите институции. Секое дете заслужува да расте со семејство, да чуствува вистинска грижа и топлина. Продолжуваме да работиме на отворање на мали групни домови, каде децата имаат услови за живот како во вистински семеен дом. Ги охрабрувам и сите оние кои се заинтересирани да станат згрижувачи да го направат овој чекор и да го отворат својот дом и срце за нов член на семејството“, изјави Царовска.

Процесот на деинституционализација МТСП го спроведува во партнерство со УНИЦЕФ, УНДП и Делегацијата на ЕУ во Македонија.

„Многу земји од ЕУ, преку систематски реформи и кампањи за промена на ставовите, прераснаа во места каде што сместувањето на деца во институции веќе не се прифаќа. Со затворањето на претпоследната институција за деца во земјата се доближуваме до остварување на таа иста цел“, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

Тој додаде дека за да им се обезбеди на децата поддршка во семејно опкружување, требаат мали групни домови и голема мрежа згрижувачки семејства кои се подготвени да ги отворат своите срца и домови за децата кои може да имаат потреба од грижа во иднина.

Пред околу четири месеци целосно беше трансформиран и домот „25 Мај“ и сите 25 деца сега живеат во 5 мали групни домови во Скопје и се вклучени во редовниот образовен процес.

Исто така, до крајот на минатата година од Специјалниот завод „Демир Капија“ беа извадени сите деца до 18 години и сместени во мали групни домови каде што добија 24 часовен надзор, и индивидуализирани програми и дефектолошки третмани.

Фото: МТСП

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Брако“ донираше медицинска опрема на Детското одделение во велешката болница

Редакција

Стотици луѓе се дел од Глобалниот лидерски самит во Македонија

Редакција

(ВИДЕО) Скопје доби 5 мурали инспирирани од епидемијата со коронавирусот

Редакција