Во Македонија денеска се одржуваат десетите парламентарни избори, петти предвремени избори.
Право на глас имаат еден милион 814 илјади и 613 полнолетни граѓани, кои ќе гласаат на 3.480 избирачки места.
Овие избори се издвојуваат од досега одржаните во земјата, бидејќи се организираат во состојба на пандемија со коронавирусот, гласањето за различни категории граѓани е три дена, а денешниот изборен ден ќе трае два часа повеќе од вообичаеното и е прогласен за неработен.
Избирачките места во шесте изборни единици се отвораат во 7:00 часот, а гласањето завршува во 21 часот.
Се гласа за 15 политички партии и коалиции кои вкупно имат 1.578 кандидати. Од нив, според статистиката на Државната изборна комисија (ДИК), 675 (42,78 отсто) се жени, а 903 (57,22 отсто) се мажи.
Гласањето е тајно, со заокружување на редниот број пред подносителот на листата.
Сите вклучени во процесот и граѓаните кои ќе одат на гласање задолжително мора да ги почитуваат превентивните мерки за заштита од ширење на коронавирусот, а тоа се носење маска, држење растојание од метар до метар и половина, дезинфекција на раце при влез и при излез од гласачкото место.
Освен спецификата поврзана со коронавирусот, на овие избори првпат е дозволено да гласаат и лицата кои до 15 јули наполниле 18 години и се со важечки документи и не се организира гласање во дијаспората, бидејќи немаше доволен број пријавени македонски државјани за гласање.
Сепак, овие лица доколку се во земјата денеска ќе можат да гласаат на избирачките места на адресата на која што се пријавени.
Во Избирачкиот список се запишани еден милион 814 илјади и 613 гласачи. Во изводите на Избирачкиот список се запишани еден милион 729 илјади и 189 лица.
Лица кои се иселиле или работат во странство во посебните избирачки изводи се 83.054, а во посебниот избирачки список за лицата во затвор и во притвор се запишани 1.657 гласачи, во старските домови 357 и шест лица се водат како внатрешно раселени.
Вчера гласаа болните, немоќните и хронично болните лица, затворениците, лицата во домашен притвор и во старските домови. Според податоците од ДИК, вчера вкупно 7.861 болни и немоќни лица го оствариле правото на глас.
Што се однесува до лицата кои се наоѓаат во домови за вонсемејна грижа, од вкупно 357 пријавени избирачи во оваа категорија, гласале 234, а во казнено поправни установи 1.235 лица.
Гласањето за овие избори почна во понеделникот, кога гласаа лицата со Ковид-19 и во самоизолација. Правото на глас го искористиле 723 лица заболени од Ковид-19 и во самоизолација.
Од гласањето во понеделникот и вчера ДИК не објавува резултати, туку само бројка на излезност.
Ливчињата остануваат запечатени во пликоата кои се наоѓаат во гласачките кутии до денот на изборите, односно до завршување на гласањето.
Во однос на изборните единици просечниот број на запишани гласачи е 302.377 запишани избирачи.
Најмногу гласачи има во Куманово, 93.603, Битола со 81.607, скопски Аеродром, 66.525, Бутел 33.278 гласачи, итн..
Општини со најмалку гласачи се Вевчани со 2.062, Конче 2.724, а најмала е Лозово е 1.997 гласачи.
Се гласа на 3.480 избирачки места, но на 90 има помалку од 10 гласачи и според Изборниот законик, овие избирачи ќе можат да гласаат на најблиското избирачко место. Во Македонски брод има 11 такви избираки места, во Пробиштип седум, во Прилеп 13 и други.
Предвремените парламентарни избори во Македонија беа закажани за 12 април, но поради пандемијата со коронавируот и вонредната состојба беа одложени со Уредба со законска сила и одлука на ДИК.
Потоа во договор меѓу политичките партии беше избран датумот 15 јули.
ДИК, учесниците на изборите, сите вклучени во процесот повикаа првенствено на почитување на мерките за заштита од коронавирусот, но и на почитување на демократските стандаради, на фер и слободни избори.
Генералните оценки се дека првите два дена од гласањето минале без проблеми и со почитување на мерките за заштита од Ковид-19.
Изборите се одржуваат во ситуацијата кога во земјата недели наназад има троцифрени бројки на позитивни со коронавирусот.
Но, Македонија е без Парламент од февруари година, а ја предводи техничка влада чија првенствена задача, според Пржинскиот договор, требаше да биде организирање фер и демократски избори.
МИА/Фото: МИА