Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапувајќи по кривична пријава од Министерството за внатрешни работи во врска со настанот во Шуто Оризари од 28.01.2019 година, донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица.
Јавното обвинителство на Република Македонија денеска соопшти дека за двете лица вработени во МВР, кои во моментот на инцидентот не биле на работа, постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Насилство од член 386 став 6 од Кривичниот законик.
– Тие се осомничени дека заедно со уште пет други лица за кои се води постапка во Основното јавно обвинителство Скопје извршиле грубо насилство врз тројца оштетени. Бидејќи осомничените се сомневале дека оштетените лица наводно грабнале дете од Шуто Оризари, тие ги пресретнале и насилно ги извлекле од патничкото моторно возило Хјундаи галопер без регистарски таблици. Притоа физички ги нападнале, удирајќи ги со тупаници и клоци и нанесувајќи им телесни повреди, стои во соопштението од ЈО.
Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Судија на претходна постапка достави и Предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Ваквиот предлог беше прифатен, па со Решение на осомничените им е определен притвор во траење од 30 дена.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МВР со детали за хаосот во Шутка: Полицајци тепале полицајци за измислен обид за киднапирање дете?