еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Проф. Трајковски: Бројките на починати, нови случаи и хоспитализирани во следниот период ќе искачуваат

Ви ја пренесуваме новата анализа на професорот Дејан Трајковски, кој на Фејсбук редовно ја анализира состојбата со Ковид-19 во Македонија.

“17.09.2021. Мислам дека утврдив што точно се случува и зошто се појави аномалијата со високиот леталитет последниве денови. Накратко кажано, проблемот е во малиот број на тестирања.

Како што се гледа на дијаграмот на втората слика, вкупниот број на починати (сината линија) се зголемува речиси праволиниски, додека вкупниот број на дијагностицирани (црвената линија) покажува тенденција на забавување, односно ја намалува стрмината.

Но, ова е практично невозможно. При релативно константна стапка на леталитет (како што би требало да биде), двете линии би требало да искачуваат паралелно.

Бидејќи смртните случаи се објективно толку колку што се, значи дека последниве денови бројот на новодијагностицирани е потценет.

Сега ќе го погледнеме третиот дијаграм, седумдневните подвижни средини на бројот на новодијагностицирани (сината линија) и стапката на позитивни тестови (црвената линија).

Кога се вршат тестирања колку што треба, тие две линии одат заедно. Така и беше до првите денови на септември.

Но, последниве две недели забележуваме разијдување (дивергенција) на овие две криви.

Помалиот број на тестирања, од една страна, прави бројот на нови случаи привидно да се намалува, а од друга страна стапката на позитивни тестови да се зголемува.

Кога би се правеле повеќе тестови, сината линија последниве денови не би била хоризонтална, туку полека би искачувала, слично како стапката на позитивни тестови.

Во секој случај, ова претставува уште една потврда дека е достигнат долот на бранот и дека претстои зголемување на дневните броеви.

За да стане ова уште поочигледно, ќе го разгледаме четвртиот дијаграм, дневниот број на починати и неговата подвижна средина.

Како што се гледа, иако врвот на бранот на смртните случаи е постигнат, темпото на намалување е неколкупати помало од темпото на зголемување.

Практично, дневниот број на починати одвај се намалува, а во истиот сооднос требаше одвај да се намалува и бројот на новодијагностицирани, доколку се тестирало колку што треба.

Кривата на смртните случаи е најобјективна, па иако засега таа не искачува, за десетина дена (поради временското доцнење во однос на кривата на новодијагностицираните) и таа ќе се израмни, а потоа ќе заврти нагоре.

Намалениот број на тестирања и намалениот број на новодијагностицирани, при релативно рамномерен број на починати, објаснува зошто леталитетот последниве денови стрмо искачува.

Збирно, леталитетот во бранот на летниот сој нереално достигна 3,48%, односно изгледа како да се изедначил со леталитетот пред вакцините (3,52%), што не доведува во заблуда дека вакцините не ја вршат работата. Но, не е така. Доколку не се подзабавело со тестирањата, леталитетот би бил околу 3%, колку што би требало да изнесува за дадениот опфат со вакцинација со две дози.

Било како било, броевите на нови случаи во следниот период ќе искачуваат, но ќе искачуват и броевите на хоспитализирани и починати.

Претстојниот бран се очекува да биде споредлив со минатоесенскиот, барем што се однесува до дијагностицираните. Поради повисоката ефективност на вакцините против смртен исход во однос на ефективноста против заразување, дневните броеви на починати би требало да бидат малку пониски.

Најголемата грижа во моментот би требало да биде исполнетоста на болниците, бидејќи од 900 до 1.800 хоспитализирани (критичната исполнетост) патот не е многу долг“, пишува тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Проф. Трајковски: Нема да биде лесно, речиси е сигурно дека во текот на октомври или почетокот на ноември ќе дојде до преполнување на болниците

Проф. Трајковски: Тие што се вакцинирале или допрва ќе се вакцинираат овој месец, ќе имаат највисок степен на заштита пред есенскиот бран

Фото: Фејсбук/Трајковски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

И заменик министерот Александар Бајдевски поднесе кандидатура за претседател на СДСМ

Редакција

(ВИДЕО) Пристигнаа „Стела и Сани“, првите македонски 3д анимирани ликови

Редакција

Од 1. јуни летови од Скопје до грчкиот остров Крф

Редакција