еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Професор Дејан Трајковски: Се однесуваме како патниците од „Титаник“, а сигурно има 30 дијагностицирани со британскиот сој на коронавирусот

Професорот на Технички факултет во Битола, Дејан Трајковски кој на неговиот Фејсбук-профил секојдневно прави анализи за трендот на заболени, пишува за тренд на зголемување на бројот на заболени како и факторот на преносливост.

„Поминаа веќе 9 дена од последното продолжување на работното време на кафеаните и сега веќе можеме со поголема сигурност да го видиме ефектот од тој безумен чекор.

Ефективниот репродукционен број е минимално над единица, што значи дека последнава недела одново започна да расте (во просек) дневниот број на нови случаи.

Ова се гледа и од реалниот број на активните случаи (портокаловата линија на дијаграмот на втората слика), којшто престана да се намалува, односно гледаме дека тешко ќе пробие под зелената хоризонтална линија.

Ова значи дека деновиве во просек бројот на новодијагностицирани е еднаков со бројот на реално оздравени (т.е. оние што биле дијагностицирани пред 19 дена).

Да било се нормално, сега би требало да има помалку нови случаи отколку од пред 19 дена, но не е така.

Официјалниот број на активни случаи не вреди да се разгледува (црвената линија) поради се уште големиот број на заборавени отворени случаи.

Моментално се затвораат случаи од пред 26 дена, што претставува извесно фаќање чекор, но се уште недоволно, гледајќи колку е официјалниот број на активни случаи поголем од реалниот (црвената над портокаловата линија).

Денеска имавме невообичаено голем број на новохоспитализирани, а пред нас се два дена со вообичаено малку испишувања од болниците, поради што по неколку дена можеби и кај намалувањето на бројот на хоспитализираните (сината линија) ќе видиме застој, слично како кај реално активните случаи.

Инаку вчера беше објавено дека веќе починал првиот болен од британскиот мутант на вирусот B.1.1.7.

Поаѓајќи од стапката на леталитет од околу 3%, статистички може да се заклучи дека пред две недели веќе имало најмалку 30 дијагностицирани со новиот вирус (но не биле секвенционирани во МАНУ).

Знаејќи дека проверките на новиот вирус не се прават рутински, односно се прават на мал примерок дијагностицирани, може понатаму да се заклучи дека новиот вирус е многу пораширен во целата популација, односно дека веројатно повеќе стотици лица биле заразени и го пренеле вирусот понатаму.

Тие бројки се уште се мали во однос на бројките на случаи од стариот вирус (кој се шири побавно), така што не може да се види драматичен скок кај репродукциониот број, барем засега.

Тоа зголемување ќе биде многу бавно и постепено барем уште 2-3 недели, но во секој случај ќе добива на забрзување, како што ќе се зголемува учеството на новиот вирус, а особено под влијание на продолженото работно време на кафеаните.

За разлика од Велика Британија и Германија, кои со строги рестриктивни мерки успеваат да го компензираат негативното влијание на новиот вирус, па дури и да ги намалат дневните бројки на нови случаи, кај нас со ваквото лежерно однесување само придонесуваме на побрзото ширење.

Сите се однесуваат како ништо особено да не се случува, слично на патниците на „Титаник“, кои се забавувале со музика на горната палуба додека бродот веќе се полнел со вода.

Загрижува и стапката на леталитет која, откако се крена над 3% (последниот седумдневен просек изнесува 3,68%) не сака да се спушти на вредностите под 3%, што важеа подолго време (на дијаграмот на третата слика).

Конечно, како уште еден индикатор за промена на надолниот тренд на бројките ќе ја употребиме една од најстарите методи за анализа на трендот, пресек на подвижните средини (moving average crossover) на дневните броеви на нови случаи, на дијаграмот на четвртата слика.

Секогаш кога „брзата“ подвижна средина (во овој случај 7-дневната, претставена со црвената линија) ја пресекува „бавната“ подвижна средина (14-дневната, претставена со сината линија) доаѓа до промена на трендот.

Ќе видиме дали последната промена дошла тука за да остане или пак двете линии ќе се преплетуваат како летоска, но надолниот тренд дефинитивно завршува“, пишува тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Професор Дејан Трајковски: Изгледа се нормално, но можеби мутацијата на Ковид-19 тивко се размножува и може да се случи катастрофа

Фото: Фејсбук/Трајковски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кои се најголемите должници на новата Листа на УЈП, меѓу нив се уште фирма поврзана со Мијалков

Редакција

(Фото) Во Грција викендов повторно оштетени македонски возила

Редакција

Среќник на Лото доби 7-ка, вредна над 500.000 евра

Редакција