еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Професор Трајковски: Луѓе со симптоми на Ковид-19 се тестираат дома и непречено се шетаат наоколу и го расејуваат вирусот

Ви ја пренесуваме последната анализа на професорот Дејан Трајковски, објавена вчера, а кој редовно на Фејсбук ја анализира состојбата со Ковид-19 во Македонија.

“Денеска ќе започнеме со поинаков редослед од вообичаениот, разгледувајќи ја најпрво стапката на леталитет.

Последниве 7 дена нејзината просечна вредност искачи до неверојатни 7,2%, додека од почетокот на четвртиот бран до денеска изнесува просечно 5,9% (44 починати од 20.07.2021 до 12.08.2021 од 746 официјално дијагностицирани 10 дена претходно, од 10.07.2021 до 02.08.2020).

Освен на самиот почеток на епидемијата, кога се тестирало многу малку, толку висока стапка на леталитет немало никогаш досега (ако го занемариме оној врв во мај поради додавање „заборавени“ смртни случаи).

Дури и за време на големите бранови, стапката на леталитет многу малку варирала околу нејзиниот просек од 3,52%. Во меѓувреме започна вакцинацијата, па јасно е дека леталитетот можел да оди само надолу, никако нагоре.

Ова укажува само на едно: луѓето со симптоми, кои инаку би отишле кај матичен лекар или во некоја приватна лабораторија, сега се тестираат самите дома со тестови купени во аптека.

Така остануваат надвор од официјалните статистики, но што е уште полошо, познавајќи го менталитетот на нашето население, остануваат без решенија за изолација и непречено се шетаат наоколу и го расејуваат вирусот низ целата популација.

Поради ова корисноста на тестовите од аптека станува проблематична од аспект на контролабилноста на епидемијата.

Значи, веројатниот број на дијагностицирани, на пример денеска, наместо 663 поверојатно е околу 1.120, односно поголем е за 5,9%/3,5% = 1,68 пати.

Вистинскиот број на инфицирани денеска, од друга страна, е за околу 3 пати повисок, односно околу 3.300 лица.

Тоа потоа се одразува на сите останати статистики, на пример на претпоставениот број на хоспитализирани, но и на очекуваниот датум на врвот на бранот.

Иако здравствените власти не го објавуваат бројот на хоспитализирани, ако реалниот број на активни случаи е за 1,68 пати повисок од офцијалниот (4.369), односно околу 7.320, тогаш во болниците би можело да има од 7% до 11% од тој број, односно од 500 до неверојатни 800, наместо очекуваниот број од околу 430 хоспитализирани.

Можеби воопшто и не одат на болница и се лекуваат самите дома, но кај починатите статистиките доаѓаат на своето место: ако 3,52% (досегашната, реална стапка на леталитет) ја помножиме со реалниот број на дијагностицирани од 10.07.2021 до 02.08.2020, односно 1,68* 746 = 1.253, добиваме точно 44 починати, колку што е официјално објавено.

Понатаму, ако само денеска имало наместо 668 дури 1.120 реално дијагностицирани (а вистински инфицирани околу 3.300), тогаш најверојатно никогаш нема ни да видиме 2.000 случаи дневно (што е реалниот лимит за сегашниот број на официјални тестирања, дури и со 30% стапка на позитивни тестови), туку максимумот би бил околу 1.200 случаи дневно.

Ако е така, ние сме можеби на околу половина пат до врвот на бранот. Впрочем, последниве 2-3 дена забележуваме пад на преносливоста, односно ефективниот репродукциски број Rt (на дијаграмот на втората слика).

Во повеќето земји обично по достигнувањето на врвот на преносливоста доаѓало до нејзино реско намалување, односно дневните бројки иако се зголемуваат, се зголемуваат сé помалку, додека не биде достигнат врвот на бранот.

Ќе почекаме уште неколку дена за потврда, но се чини дека времето за дуплирање на дневниот број на случаи веќе започна да се продолжува (на дијаграмот на третата слика).

Тој дијаграм е во полулогаритамски координати, па на вертикалната оска секоја нова црта одговара на двојно поголем дневен број на случаи. Последниве денови наклонот на црвената линија се намалува, па времето на дуплирање од 4 веќе се продолжува на 6 или 7 дена, со тенденција на понатамошно продолжување.

На самиот врв на бранот црвената линија ќе стане хоризонтална, односно нема а расте дневниот број, а потоа ќе започне и да се намалува, па ќе зборуваме за време на преполовување, наместо дуплирање.

Да заклучиме, иако дневниот број на случаи ќе продолжи да расте, но до 1.500 или 2.000 случаи нема да дојдеме за една недела, туку за 2 или 3, иако 2.000 можеби нема никогаш ни да видиме, заради криењето на случаите со домашните тестирања.

На крајот, изгледа дека само бројот на починати ќе остане единствениот доверлив показател за темпото на епидемијата.

Се чини дека и тој нема да биде мал и веќе за десетина дена ќе бележиме по 20, можеби и повеќе починати дневно.

Тоа секако е резултат на слабиот досегашен опфат со вакцинација, далеку помал отколку во Велика Британија, на пример.

Да се потсетиме, со две дози вакцина, заклучно со 12.08.2021 вакцинирани се 22,18% од официјалниот број на жители на земјата. Дури земајќи го предвид и пореалниот број на жители (околу 1.800.000), па дури и само возрасните меѓу нив (околу 1.500.000), сегашните 462.192 целосно вакцинирани претставуваат само 33% од возрасното население.

Сега е многу важно последните вакцинирани, кои немаат доволно време за да развијат целосен имунитет за време на овој бран, да продолжат да се однесуваат исто како воопшто да не биле вакцинирани и така да избегнат инфекција.

За жал, многумина мислат дека таа една доза што ја примиле (заради одење на свадби) им дава доволно заштита и се однесуваат дури и порискантно отколку воопшто да не биле вакцинирани.

Инаку, стапката на позитивни тестови (сината и црвената линија на дијаграмот на четвртата слика) е во стрмо искачување и засега не наговестува скорешен врв на бранот.

Доколку вакцинираните успеат да ја спуштата максималната стапка од 30% на околу 20%, тогаш можеби сме веќе блиску до половина од патот до врвот.

Стабилизацијата на дневните броеви на околу 110 случаи деновиве во Тетово, каде што започна овој бран, можеби е првиот сигнал за приближување до врвот, барем во таа општина. Во останатите општини (освен во најмалите, Дојран, Богданци, Кратово и Крушево, со нула активни случаи) ширењето продолжува и ќе се интензивира.

Петок (односно четврток), денот со вообичаено помал број тестирања и нови случаи помина, во исчекување сме на саботните бројки (денот со најголеми бројки) за потврда или негација на опаѓањето на преносливоста“, пишува тој.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Професор Трајковски: За десетина дена ќе имаме и двоцифрени броеви на починати од овие стотици новодијагностицирани со Ковид-19

Професор Трајковски: Одењето на свадба со една доза вакцина нема апсолутно никаква епидемиолошка, ни здраворазумска логика

Анализа на професор Трајковски: Вакцинираните во Македонија се разболувале 2,86 пати поретко од невакцинираните

Фото: Фејсбук/Трајковски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Скопјано од утре ќе имаат парно, велат од Регулаторната комисија за енергетика

Редакција

Првичните резултати од локалните избори, ДИК треба да ги соопшти во рок од 12 часа

Редакција

На „црната листа“ за санкции во следните неколку месеци ќе видиме едно или две имиња, најави американската амбасадорка Агелер

Редакција