еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

Разногласие: Каков договор и со кој потпишаа Србија и Косово

Специјалниот пратеник на американскиот претседател за преговорите меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел, изјави дека САД не се страна во договорот меѓу Србија и Косово за нормализирање на економските односи.

Со тоа Гренел ја демантираше вечерашната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ дека Србија и Косово потпишаа билатерални договори со САД за нормализирање на економските односи меѓу Белград и Приштина.

– Тие потпишаа договор да работат заедно, тие не потпишаа со САД. Ние не сме потписници, изјави Гренел на прес-конференција во Вашингтон.

Тој додаде дека „нема ни да се обиде да разјасни што мислел претседателот Вучиќ кога им се обратил на српските медиуми“.

– Она што (Вучиќ) го рече во салата за состаноци е дека ова е историски договор што ќе придонесе за нормализирање на регионот. Тој зборуваше за мини-Шенген зоната, изјави Гренел.

На прашањето дали Вучиќ и косовскиот премиер Авдулах Хоти потпишале меѓусебен договор, Гренел рече дека „потпишале договор дека ќе работат заедно за нормализирање на економските и трговските односи“.

Вуќиќ тврди дека Србија потпишала договор со САД, не и со Косово

Вучиќ по потпишувањето на договорот во Белата куќа изјави дека е задоволен од договорот и дека станува збор за билатерален договор со САД, а не за трилатерален и со Приштина, повторувајќи дека „трета страна не е призната како предмет на меѓународното право“, јави дописникот на МИА од Белград.

„Разговаравме за многу теми и претседателот Доналд Трамп изрази желба да дојде во Србија. Направивме добар договор за Србија, постигнат е огромен чекор напред. За нас е многу важно преку овој договор директно да ги регулираме односите со најголемата сила во светот и пред сè да се занимаваме со економијата. Направивме билатерален договор со САД, третата страна не е призната, што е многу важно за нас“, напиша Вучиќ на својот Твитер профил.

Според него, договорено е да се отвори канцеларија на Фондот за развој на САД во Белград, т.н. „мини Шенген“, како и физибилити студија за Газиводе.

– Американците ќе работат со нас и ќе ги надгледуваат големите проекти – изградба на автопат до Приштина, така што Албанците ќе треба да го направат својот дел од патот. Се договоривме како да се изгради пруга и како да се поврзе Приштина со централна Србија преку Мердаре, рече Вучиќ.

Тој оцени дека договорот потпишан во Вашингтон подразбира дека Американскиот фонд за развој отвора канцеларија само во Белград, а не во Приштина, како и никаде на друго место во регионот и посочи дека е многу горд на тоа.

– Покрај тоа, Албанците се обврзаа да се приклучат на „мини Шенген“ – ќе има единствен пазар што значи послободен проток на стоки и луѓе, нема повеќе пречки и бидејќи имаме најмоќна економија, тоа најмногу ни одговара, истакна Вучиќ.

По церемонијата на потпишување на договорот потпишан од претседателот Доналд Трамп во име на САД и премиерот Авдулах Хоти во име на Косово, Вучиќ рече дека со овој договор Србија „ги регулира односите со најголемата светска сила“.

Тој изјави дека договорот се однесува на „економијата и некои политички прашања“.

– Ова беа тешки разговори, ние сме искрено задоволни од она што го постигнавме – додаде Вучиќ, наведувајќи дека Србија нема од што да се срами, особено имајќи предвид дека САД го имаат признато Косово и тоа нема да го повлечат, додавајќи дека со договорот треба да се биде горд.

Тој изјави и дека му е благодарен на претседателот Трамп, „особено на долгата билатерална средба со српската делегација“.

– Поминав 15-тина минути сам со него. Тој изрази желба да дојде во Србија и јас му испратив официјална покана, рече Вучиќ, додавајќи дека двата договори, српскот и албанскиот, со САД, имаат по 16 точки, но дека не се исти за двете страни.

Претседателот на Србија, одговарајќи на новинарски прашања во врска со косовската делегација, која доцнеше дваесетина минути, рече дека косовскиот министер за правда Селими бил многу лут за прашањето за Газивода и за „мини Шенгенот“, што најверојатно му го соопштил на Рамуш Харадинај, како и за отстранување на точката 10 (за признавање на Косово).

– Исто така, видовте како Гренел ја смени изјавата – како што рече: сакавме да го изненадиме Вучиќ со тоа. Така тие не изненадија само што шлог не не погоди, кога го видовме тоа, па затоа побаравме да одиме во просторија од шест квадратни метри.

Јас им реков – се враќаме и очигледно дека преговорите се завршени. Американците беа фер, нè сослушаа и рекоа дека разбираат, не сакате … Ако помине, помине – но, не помина, изјави Вучиќ.

МИА/Фото: Вучиќ/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

САД повтори дека подржува решавање на спорот со Бугарија надвор од пристапниот процес со ЕУ

Редакција

„Тежок тендер“: Град Скопје купува седум возила

Редакција

345 лица од Ковид-19 починале надвор од болница

Редакција