Русија, Украина и Турција се договорија за извозот на украинското жито, проблем кој можеше да предизвика светска криза со глад.
Во палата Долмабахче во Истанбул наместо еден беа потпишани два договори. Украина сакаше да потпише сама, без Русија. Русија потоа одделно го потпиша договорот со истите страни: Турција и Обединетите Нации.
Иако делумен, ова е најголемиот компромис што го постигнале Москва и Киев од почетокот на војната во февруари. Цените на житото паѓаат поради потпишувањето кое само што се случи. Лани украинското жито нахрани 400 милиони луѓе. Со овој договор тие нема да гладуваат.
Агенциите за помош при Обединетите нации можат да воздивнат, пишува Би-Би-Си.
Михаило Подољак, советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски преку Твитер истакнува дека Украина не потпишува никаков договор со Русија, додавајќи дека руската страна ќе потпише идентичен договор за блокираното жито во црноморските пристаништа со Турција и со ОН.
Истовремено украинската страна категорички отфрла можност во транспортот да бидат инволвирани руски бродови или какво било руско присуство во украинските пристаништа
– Во случај на провокации веднаш следува воен одговор, предупреди Подољак, појаснувајќи дека доколку има потреба сите проверки на пратките ќе бидат спроведувани од „заеднички групи“ во турските територијални води, без притоа да посочи каков би бил составот на тие групи.
Потпиша и Русија.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во име на Русија потпиша договор за извоз на жито со Украина, Турција и Обединетите Нации.
Потпишувањето на договорот се случи во Истанбул во палатата Долмабахче во присуство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
МИА/Фото: Unsplash