Јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите Катица Јанева до Собранието на Република Македонија достави извештај кој ги резимира доказите за несоодветно судско постапување содржани во неовластеното следење на комуникациите и ги идентификува тековните пречки за изрекување на соодветни санкции или поправни мерки за таквото несоодветно судско постапување и дава препораки до Собранието на Република Македонија во однос на поправното законодавство.
„Неовластените прислушувања резимирани во овој извештај покажуваат интеракции помеѓу високи функционери во судството и членови на Владата на Република Македонија кои во основа ја поткопуваат судската власт. Неовластените прислушувања откриваат разговори во кои членовите на судството се откажуваат од својата независност и непристрасност за да ги унапредат интересите на владата или нивните сопствени интереси. Таквата комуникација несомнено дека остава простор за создавање на недоверба кај јавноста во целиот судски систем. Целта на поднесувањето на овој Посебен извештај не е единствено за да се документира минато несоодветно постапување. Без вклученост на Собранието на Република Македонија и неопходниот внатрешен и надворешен надзор над високите чинители на судскиот систем, разумно е јавноста да верува дека слични несоодветни влијанија врз судските назначувања и одлуките во важни случаи ќе продолжат и понатаму“, пишува во извештајот.
Во него, меѓудругите се издвојува случајот на Светлана Костова за која аудио снимка од телефонски разговор помеѓу Сашо Мијалков и неа јавно објавена на 19.03.2015 година го открива начинот на кој Светлана Костова била избрана за судија на Виш управен суд.
„Последниот коментар на Костова во споменатиот разговор е јасен показател колку овој судија ќе биде независен при вршење на судиската функција. Доказите со кои располага обвинителството, особено смс комуникацијата и телефонските разговори остварени од страна на Светлана Костова во периодот од 2011 година, на повеќе теми и со повеќе лица, го наметнуваат прашањето за инкомпатибилност на судиската функција со вршење на друга јавна функција, работа или дејност“, се вели во извештајот.
Во него се додава сека според нејзината професионална биографија објавена на Судскиот портал на Вишиот управен суд на Република Македонија, во периодот од 2005 година па сѐ до нејзиното заминување во 2011 година Светлана Костова е на позиција началник на Сектор за менаџмент и едукација во Управата за безбедност и контраразузнавање.
„Во периодот од избор за судија во Виш управен суд во март 2011 година, па сѐ до стапувањето на функција на 01.07.2011 година, според податоците од Агенцијата за вработување на Република Македонија, Костова продолжува со работа во Министерството за внатрешни работи. Телефонски комуникации остварени од страна на судија Светлана Костова во месец септември и октомври 2011 година, односно два до три месеци по нејзиното стапување на функцијата судија на Виш управен суд, покажуваат дека таа продолжила активно да учествува во дневните обврски на Управата за безбедност и контраразузнавање околу организирање и посредување при состаноци и превземање на други работни задачи кои спаѓаат во делокругот на секојдневното работење на УБК.
Фактот дека Светлана Костова паралелно извршувала работни задачи и како судија и во Управата за безбедност и контраразузнавање несомнено го доведува во прашање како нејзиниот личен интегритет, така и институционалната независност на судиската функција. – очигледни повреди Вршењето на друга јавна функција, работа или дејност која не е спојлива со вршењето на судиската функција, согласно Законот за судови претставува потешка дисциплинска повреда за која се поведува постапка за утврдување одговорност на судија како основ за разрешување“, се вели во извештајот.