Палењето на трските на струшкото крајбрежје, проблем кој години наназад се провлекува, зема замав пред почетокот на градежната сезона.
Граѓаните постојано реагираат за, според нив, намерното чистење на брегот на Охридското Езеро, со цел негова урбанизација. Забележуваат дека традиционално деградација на езерскиот појас се врши секоја пролет, на почетокот од вегетацискиот период, а местото подоцна се чисти, тампонира и неретко никнува бетонирана платформа или угостителски објект.
Пред само неколку дена изгоре голема површина во атарот на селото Калишта. Според некои проценки се работи за речиси една третина од трските на потегот од Струга кон Калишта.
Опожарени десет хектари во само еден ден
– Последното палење на трската е најголемо откако сум сведок на еколошката девастација. Само во понеделникот изгорена е површина од околу 10 хектари трска во атарот на селото Калишта. И тука не станува збор за чистење стрништа од страната на сопствениците на земјоделско земјиште, туку трска, које е покрај самиот брег на езерото.
Симптоматично е тоа што речиси по цела должина од неколку стотина метри земјоделското земјиште се тампонира. Таму веќе никој ништо не сади, ниту со слојот чакал, кој се истура се спроведува аграрно-иновативна реформа, забележа граѓанскиот активист Никола Кукунеш.
Препораките на УНЕСКО, нагласи, се јасни и тие не се однесуваат само на Охрид.
– Во кој правец ќе се развива континуираниот хаос зависи од државните институции, кои имаат надлежност и по службена должност и по допрен глас, да спречат, да превенираат и да изречат казни.
Уништувањето на трската во Струга е децениски проблем, пракса која наместо, со тек на времето, да исчезне сѐ повеќе зема замав. Како резултат на ваквата деструктивна појава во целост е нарушен еко-системот на потегот Струга – Калишта.
Тоа значи дека е уништено природното мрестилиште на крапот, каратеристични растителни видови, живеалиштата на неколку видови барски птици и влекачи, но најстрашно е тоа што крајбрежјето е изложено на сериозна ерозија, која може да предизвика големи проблеми во блиска иднина, предупредува Кукунеш.
Појасни дека со трасирањето на рекреативната патека од Струга до селото Калишта, пред 20 години, направена е поделба на земјоделскиот имот во приватна сопственост од една страна и имотот што ѝ припаѓа на државата од другата страна.
– Со несовесното работење на општинската администрација, спротивно на сите законски одредби, дел од тоа земјоделско земјиште доби статус на градежно, така што сопствениците на парцелите од едната страна на патеката запоседнаа и непречено стопанисуваат со имотот на Република Македонија од другата страна на патеката.
Неколку исклучоци од правилото неминовно водат кон креирање нови правила, но по пат на узурпација и уништување на природното наследство, вели Кукунеш.
Поголем ангажман од институциите за заштита на трските
Не изостана незабележан и фактот што надлежните инспекциски служби единствено што успеале да направат е да ги евидентираат настанатите штети, но никогаш да превенираат или судски да процесуираат претставка против узурпаторите.
Инспектори на Државниот инспекторат за животна средина вчера вршеа увид на просторот каде во понеделникот изгоре поголема површина трски на потегот од Струга кон селото Калишта. И оттаму со забелешка дека проблемот се провлекува години наназад.
– Секоја година од март до мај се случува истото, се палат трските од Струга до Калишта. Досега, низ годините, само во еден случај е откриен сторителот и соодветно е казнет, за сите други се поднесени кривични пријави против непознати сторители, посочуваат од Инспекторатот.
Апелираат на поголема активност на општините и водење поголема грижа на својата површина.
– Општините треба да бидат поактивни да си водат повеќе грижа на својата површина. Да стават табли дека местото е под заштита на УНЕСКО. Имаат решение да постапуваат по планот на УНЕСКО. Сами треба да се грижат за природата, како што ги користат добрата на езерото треба да му вратат да го заштитат, додаваат од Државниот инспекторат.
Полицијата регистрирала три пожари на трска годинава
Струшките пожарникари, по пријава за пожар веднаш излегуваат на терен да интервенираат на запалениот простор. Од почетокот на годината досега имале шест интервенции на отворен простор на запалена трска и сува трева.
– Нашите пожарникари имале по две интервенции во јануари и февруари за отворен простор, односно трски или сува трева. На 14 март интервенирале на запалена трска во близина на Калишта, а претходно имало уште една интервенција, изјави командирот на територијалната противпожарна единица од Струга, Фети Мазари.
Полицијата потврди дека од почетокот на годината во три наврати е пријавена опожарена трска на струшкото крајбрежје, по што биле извршени увиди. Во текот на 2021 година пријавени се седум настани на опожарена трска на брегот на Охридското Езеро во Струшко.
– По пријавените настани, полициски службеници од ОВР Струга, веднаш извршија увиди, разговори и анкети со лица и презедоа соодветни мерки со цел расветлување на настаните, за што, до Основното јавно обвинителство – Струга, поднесени се шест известувања за преземени мерки, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Трската филтер на езерото, заштитена со закони и конвенции
Марина Талевска, ескперт од Хидробиолошкиот институт во Охрид, посочи дека на местото каде што е изгорена трската птиците не доаѓаат да се гнездат, ниту пак рибите да се мрестат. Ја повтори забелешката на останатите, дека трската се пали овој период од годината, односно на почетокот од вегетацијата.
– Трската преставува филтер на езерото, ја прочистува водата, рибите таму се размножуваат, а во неа живеат многу птици и други животни. Појасот трски на Охридското Езеро е вегетација која се формира долж крајбрежјето на езерото. Дејствува како зона за одделување на езерото од човекот, со што се обезбедуваат услови за живеалиште на птиците и мрестилиште на рибите. Претставува систем за само-прочистување на езерото, кој е најголемиот резервоар на свежа вода во Европа.
Појасот трски придонесува и за намалување на влијанието на езерските бранови и го заштитува брегот од ерозија, прочистување на водата од штетните супстанции и естетика на езерото, појасни Талевска.
Трската е заштитена со многу закони во Република Северна Македонија и разни конвенции. Заштитена е со Законот за заштита на Охридско, Преспанско и Дојранско Езеро, Законот за заштита на природни реткости, Конвенција за биодиверзитет…
МИА/Фото: МИА