еМагазин
Image default
Македонија

СДСМ ќе го разгледат барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори, ДУИ се против

Сериозно ќе ја разгледаме иницијативата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори, има многу аргументи и во полза на таквата иницијатива, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.

Според Шекеринска, ВМРО-ДПМНЕ ја изнеле иницијативата веднаш по гласањето во Собранието за уставните измени за Преспанскиот договор со што сакале да ја сменат темата и да се заборави дека Македонија успеала да реши еден проблем.

– Сакаат помалку да ја сменат темата, бидејќи не им одговара. Темата покажува дека ако сакаш нешто да се реши ќе го решиш, ако сакаш да ја ослободиш државата од изолација ќе ја ослободиш, ако сакаш перспектива на своите граѓани ќе им понудиш отворени, а не затворени врати. На тоа се должеше иницијативата да се бараат избори, ама да се наоѓа начин како тие да не се случат. Сериозно ќе ја разгледаме иницијативата, има многу аргументи и во полза на една таква иницијатива, рече Шекеринска, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференцијата во Владата.

На прашањето дали е прифатлива техничка Влада, како што стои во Договорот од Пржино и како што бара опозицијата, Шекеринска одговори дека ќе ги почитуваат законите.

– Дефинитивно, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ, ќе ги почитуваме законите кои оваа држава ги донела. Одговорот ќе биде – Да, во такво сценарио она што стои во законите од прва до последна точка ќе го исполниме, наведе Шекеринска.

Според вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, Демократската унија за интеграција (ДУИ) сега на избори би постигнала 2,5 пати подобри резултати од тие во декември 2016 година. Но сега, потенцира, целата политичка енергија треба да се фокусира на заокружување на членството во НАТО и преговорите со Европската унија и на примена на идејата 2019 да биде година на економијата.

ДУИ, како што рече, се противеле на идејата за предвремени избори веднаш по референдумот иако тогаш сите анкети покажувале дека ќе имаат 1,5 пати повеќе резултати од тие во декември 2016 година затоа што сметале дека Владата има мандат да ги реши тешките и големи прашања на државата и да го гарантира ченството во НАТО и во ЕУ.

– Денеска, исто така, рејтинзите и партиските интереси покажуваат дека ДУИ ќе има два и пол пати подобри резултатит доколу има избори  од тоа што го имавме во декемри 2016. Стоиме на ставот  дека прашањето за членство во НАТО и почнување преговори со ЕУ треба да се заокружи идејата зошто го потпишавме Договорот од Преспа и ги правиме уставните измени беше да се гарантира членството во НАТО. Сметам дека целата политичка енергија треба да ја фокусираме на заокружување на членството во НАТО и преговорите со Европската унија и на примена на идејата 2019 да биде година на економијата, рече Османи.

МИА/Фото: Влада

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ќе има ли предвремени парламентарни избори, заедно со претседателските?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Лекар специјалист од Кавадарци позитивен на Ковид-19

Редакција

Соборот на СПЦ прогласи канонско единство со МПЦ-ОА

Редакција

Пендаровски: Ако постои работа што треба да не исплаши од пописот, тоа е бројката на иселени граѓани

Редакција