Полцијата истражува кој стои зад опожарувањето на петте возила, од кои три се целосно изгорени, а две се делумно оштетени. Трите опожарени возила што утринава целосно изгореа во пожар на улицата „Борис Крајгер’ во штипската населба Сењак се уште стојат на паркинг просторот.
Станарите меѓу кои и Стефан Димитров сведочат дека пожарот настанал по пет часот. Слушнал силна експлозија и веднаш излегол за да помогне.
-Беше навистина застрашувачки. Се гледаше дека горат три автомобил. За среќа пожарникарите брзо пристигнаа и не дозволија да се прошири пожарот. Еве гледате на еден од становите е и стопена ролетната. Соседот од тој стан со црево не дозволи да се запали, вели Димитров.
Во пожарот целосно се изгорени и две возила на Никола и Мите Тушеви, брат и татко на поранешната пратеничка на СДСМ, Маринела Тушева.
Тушев не сакаше да даде изјава. Смета дека треба да заврши истрагата, но не го исклучува политичкиот мотив. Возилата на Тушеви според првичните докази на терен се намерно запалени, пронајдени се хебли, со кои се скршени задните стакла, а потоа преку нив е фрлена запалива течност.
Командирот на ТППЕ-Штип, Тони Атанасов вели дека брзо интервенирале и спречиле огнените јазици да се прошират. Смета дека при вакви пожари на возила постои опасност за предизвикување поголеми штети.
-Во пет часот градот се буди можело да има и други минувачи, за среќа нема повредени лица, но секако дека е опасно, бидејќи во овие моторни возила има запливи течности, брзо гори ентериерот на возилото. Така што еден од потешките пожари е на запалено возило, вели Атанасов.
Според статистичките податоци на ТППЕ-Штип од почетокот на годината досега на територија на Општина Штип интервенирале на 19 случаи на опожарени возила, од кои повеќе се случајно запалено, но за некои има сомнение дека се дело на пиромани. Се очекува по увидот на крим техника од Скопје да се добијат подетални информации за овој случај.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Маринела Тушева објави видео од палењето на автомобилите на нејзиниот брат и татко
Во Штип запалени возилата на братот и таткото на поранешната пратеничка од СДСМ Маринела Тушева