Еден од пет студенти или 21,3 отсто биле во ситуација професор/ка да им се обрати со прекар како „девојче“, „злато“, „кукле“, „маче“. Еден од четири студенти или 26,2 отсто, пак, биле сведоци на споделување сексуални шги или шеги што се темелат врз родови стереотипи од страна на професор/ка, а на 15,6 проценти од студентите им било даден коментар за нивниот физички изглед, по што се чувствувале непријатно и сексуализирано. Дури 88,5 проценти од студентите не знаат каде можат да пријават сексуално вознемирување што се случило на Универзитетот “Кирил и Метдоиј“ (УКИМ).
Ова го покажува истражувањето „Перцепцијата и искуството на студент(к)ите при УКИМ со сексуално вознемирување“, спроведено од студентите на Меѓународните интеркултурни студии во соработка со здружението Младински мировен хаб и Фондацијата „Фридрих Еберт“ – Скопје.
Теодора Милеска, дипломирана студентка на Меѓународните интеркултурни студии при Филозофски факултет, која била дел од истражувачкиот тим, на денешната презентација на истражувањето истакна дека идејата потекнала од студентите на Студиите.
– Зошто токму сексуално вознемирување на УКИМ? Ова е тема која претходно никогаш не е покриена од страна на истражувачите кај нас, а свесни сме дека е и тоа како раширена и распространета низ нашиот Универзитет и Факултет, затоа што имавме и неколку судски одлуки каде што беа најдени наоди за тоа дека одредени професори користеле форми на сексуално вознемирување како уцена на студентките, па затоа, ова истражување имаше за цел да ја пробие таа стигма и сексуалното вознемирување да го направи помалку табу тема со тоа што, нели, ќе имаме конечни наоди и резултати кои укажуваат која е реалната состојба кај нас, рече таа.
Истражувањето покажува дека дури 47,8 отсто од студентите одговориле дека биле во ситуација во која биле кажувани сексуални шеги или шеги што се темелат врз родови стереотипи од страна на колега или колешка.
Само 4,6 отсто од студентите одговориле дека пријавиле или знаат некој кој пријавил сексуално вознемирување, а приближно секој петти студент (18,4 отсто) не пријавил сексуално вознемирување, бидејќи не знаел каде може да пријави.
Во однос на постапувањето од страна на институцијата во случајот на сексуално вознемирување, само во еден случај испитаникот искажал позитивна разврска на суд.
Повеќе од половина или 51,8 отсто од студентите одговориле дека УКИМ „не ги штити“ и „воопшто не ги штити“ студентите од сексуално вознемирување.
Дури 56,78 проценти од студентките сметаат дека УКИМ воопшто не нуди заштита од сексуално вознемирување, наспроти 33,33 отсто од машките студенти.
Една петтина од студентите (21,9 проценти) одговориле дека се потребни санкции за вршителите на сексуалното вознемирување.
Горан Лефков, студент на четврта година на Меѓународните културни студии и дел од истражувачкиот тим вели дека според добиените податоци, студентките се во поголем број жртви на сексуално вознемирување.
– Дури во одговорите кога ги добиваме за перцепција што претставува сексуално вознемирување, поголемиот број од машките студенти имаат помала свесност и имаат помала изложеност на сексуално вознемирување во глобала. Во одговорите за чувство на безбедност на факултетот, оние одговори што ги добивме, дека воопшто не се чувствуваат сигурно се одговори од студентките, вели Лефков.
Лефков дополнува дека кога студентите зборувале за искуството со професори, тоа најчесто било дека тие имале страв да немаат некаков проблем понатаму со професорите, а во врска со нивното понатамошно студирање.
Како што информира тој, УКИМ има свои механизми за пријавување на сексуално вознемирување, но вели дека „тие се на некој начин мртви, не се промовираат и никој не знае за тоа“, дополнувајќи дека можат да пријават во МВР, Деканатот или Студентскиот правобранител.
Препораките од истражувањето се да се креира и усвои јасно дефиниран самостоен документ за политика на нулта толеранција на сексуално вознемирување и насилство на УКИМ, креирање на функционално и транспарентно тело како механизам за пријавување на сексуално вознемирување и заштита на жртвите од сексуално вознемирување и креирање на добро воспоставени програми за обука на вработените и студентите на УКИМ.
МИА