Европската комисија (ЕК) вчера го објави извештајот за напредокот на Македонија на нејзиниот европски пат.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Во дел од извештајот се анализираат и односите на Македонија со соседите, каде меѓудругото се потенцира дека билатерални договори со Бугарија и Грција треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни.
Во делот на односите со Бугарија се констатира дека во извештајниот период, односите со земјата се фокусирале на следните чекори во процесот на преговори за пристапување на Македонија во ЕУ и на билатералните обврски од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и неговиот Протокол, посочени се позитивни и негативни примери и се заклучува дека се потребни дополнителни напори за промоција на атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување.
-Северна Македонија формираше меѓуресорска работна група, со која претседава министерот за надворешни работи, за да го координира спроведувањето на мерките предвидени во Протоколот.
Беа создадени и тематски подгрупи за говор на омраза, рехабилитација на жртвите на репресијата од комунистичкиот период, спроведување на препораките усвоени од Мултидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања и заштита од дискриминација. Мултидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања одржа неколку состаноци во текот на извештајниот период, стои во извештајот.
Во извештајот се наведува и дека во октомври 2022 година, премиерот на Македонија бил во официјална посета на Бугарија, а еден месец подоцна во официјална посета на Софија бил и министерот за надворешни работи.
-Во октомври 2022 година, двајцата премиери ги започнаа градежните работи на железнички дел од Коридорот 8 во Северна Македонија на церемонија на која присуствуваа повеќе министри од двете земји. Во декември 2022 година, двајцата министри за надворешни работи го отворија билатералниот бизнис форум во Скопје, стои меѓудругото во извештајот.
Се наведува и дека на штета на билатералните односи биле изјавите дадени од поединечни политичари и неколкуте инциденти поврзани со бугарските културни клубови, прослави на историски настани и историски личности, фудбалски настани и недозволување на влез на граѓани, вклучително и пратеници во Европскиот парламент.
-Надлежните власти во Северна Македонија презедоа одредени чекори за да се справат со овие ситуации и, каде што е потребно, да воспостават одговорност, вклучително и со започнување истраги и изведување на одговорните за криминални дела пред лицето на правдата.
Потребни се дополнителни напори за промовирање на атмосфера на дијалог и меѓусебно почитување, стои во извештајот.
Анализирана се и односите со Грција.
-Соработката со Грција се интензивираше, особено во клучните области од заеднички интерес. Постигнат е напредок во спроведувањето на Договорот од Преспа и треба да продолжат понатамошните напори на овој план, стои во извештајот
Фото: Унсплеш