МИА дојде до извештајот за Северна Македонија неколку часа пред тој да биде официјално објавен во Европскиот Парламент. Заклучоците во политичкиот дел се генерално позитивни, јави дописничката на МИА од Брисел.
Европската Комисија ја поздравува Северна Македонија во делот на зајакнувањето на демократијата, владеењето на правото, и борбата против корупцијата, но осврнувајќи се на последните локални избори, европската извршна власт констатира дека напредокот е ограничен во делот на спроведувањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија. Се бара изборното законодавство и усвојувањето на релевантните закони да бидат финализирани навремено и на инклузивен начин.
Политичките тензии помеѓу партиите не доведоа до ситуации на бојкот како во минатото, Европската Комисија го поздравува ангажманот на опозициските партии во работата на Собранието, но забележува дека поларизацијата е длабока.
-Парламентарната работа беше попречена од политичката поларизација, интензивирана со Ковид-19, која повремено имаше последици врз обичните функции. Потребни се напори за зајакнување на улогата на Парламентот како форум за конструктивен политички дијалог, посебно во делот на реформската агенда за ЕУ, се истакнува во извештајот.
Уште еднаш се покажува со прст кон забрзаните процедури на усвојување закони и се повторува дека тие мора да останат ограничени за да не се загрози демократскиот надзор.
Парламентот, сепак, продолжи да ја игра улогата на надзор врз извршната власт.
-Власта треба да продолжи со реформскиот момент и да се фокусира на спроведување на постоечката законска рамка наместо да започнува спорадични нови иницијативи.
Навремена и суштинска имплементација на реформската агенда бара постојана поддршка од општеството во целост, вели Европската Комисија, која додава и дека продолжува да се бара одговорност за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017, вклучително и преку првостепени судски одлуки.
Што се однесува до јавната администрација, Европската Комисија констатира “малку напредок“ во финализирањето на хоризонаталната функционална ревизија на државната администрација, која е важно да биде усвоена од власта.
-Препораките за нова организација на државните административни тела со подобрени линии за отчетност треба да го потхранат релевантното законодавство кое треба да биде усвоено и спроведено, стои во извештајот.
Судскиот систем е “умерено подготвен“ за ЕУ членство.
-Мал напредок е постигнат во однос на спроведувањето на стратегијата за судска реформа со што дополнително се одговара на препораките на Венецијанската комисија и на Експертската група за владеење на правото.
Напори сѐ уште се потребни за да се обезбеди систематско спроведување на обновениот акциски план за стратегијата за судски реформи и стратегијата за човечки ресурси за судството и обвинителството, оценува Европската Комисија.
Умерена подготвеност покажува Северна Македонија и во борбата против корупција, таа го зацврстува процесот на гонење криминал и корупција вклучително и високопрофилни случаи.
Генерално законската рамка за човекови права е во согласност со ЕУ стандардите, вклучително и во делот на насилството против жените, но се забележува дека земјата треба да го зајакне спроведувањето на законите против говор на омраза.
-Надворешниот граѓански надзорен механизам врз полицијата не е целосно фунцкионален и отсуството на вистински независни истражители ги попречува напорите за справување со неказнивоста на полицијата и ефективното гонење.
Се бара земјата да ги подобри и условите во затворите и да ги зајакне алтернативите за затворски казни.
Напредокот во делот на слободата на изразување е ограничен.
-Општиот контекст за медиумски слободи е поволен и дозволува критичко медиумско известување иако имаше зголемени тензии за време на кризата со Ковид-19. Напорите за саморегулација треба да продолжат и да донесат конкретни резултати за напредок на професионалните стандарди во новинарството, смета Комисијата.
Се бара поголема транспарентност во рекламирањето од страна на државни институции и политички партии и реформа на МРТВ за да се обезбеди финансиска независност за јавниот сервис.
Напредокот во МРТВ е попречен поради назначување на членови во релевантните тела.
-Кризата со Ковид-19 имаше силни последици врз медиумскиот сектор, посебно за регионалните и локалните чинители. Медиумските куќи беа вклучени во пакетот за помош, но работничките права на новинарите треба да се решат, бара ЕК.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/Фото: Кабинет на претседателот