еМагазин
Image default
Интервју

Силјановска-Давкова за МИА: Новото име е правен факт и јас ќе потпишувам укази со него, ако станам претседател

Поголема проактивност во вршењето на функцијата, доколку биде избрана за претседател на државата, најавува кандидатката Гордана Силјановска-Давкова, која ја има поддршката од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за МИА.

Ако биде претседател при употребата на ветото за одреден закон, таа својата постапка ќе ја образложува пред пратениците, со цел, како што вели, да се зајакне демократијата, но истакнува дека нема да го избегнува потпишувањето на законите заради името Република Северна Македонија.

За неа Договорот од Преспа е асиметричен, решението е неодржливо, но напоменува дека новото име не само што е реален, туку е и правен факт и оти доколку таа дојде на функцијата не значи дека веднаш ќе се стави во акција да го тргне. Не се сомнева дека грчката опозиција еден ден ќе го прифати Договорот од Преспа, за македонската не даде одговор.

Најавува дека ќе кохабитира со власта, вели таа знае како се гради компромис, но додава и дека ќе опстојува и на своите ставови за одредени прашања. Верува дека Македонија ќе влезе во НАТО по Преспанскиот договор, но смета дека тој е повеќе плод на геостратешка политика, отколку вистинско решавање на спорот меѓу двете земји. Влезот во ЕУ, според Силјановска-Давкова, е малку потежок поради реформите што се потребни на тој пат, а смета дека реформи досега не се направени, освен што изминатиот период било решено името.

Не даде директни забелешки за работата на досегашниот претседател Ѓорге Иванов, вели не сака да критикува колеги, но најави дека многу работи ќе ги прави поинаку, доколку биде избрана за шеф на државата. Почесто ќе се обраќа до Собранието, ќе ги сензибилизира пратениците за важни прашања, ќе го почитува принципот на меритократија секаде каде што претседателот има надлежности да именува, а ќе биде и поактивна во дипломатијата, особено во изборот на оние кои ќе нè претставуваат пред меѓународната заедница.

Останува на концептот за непосреден избор на претседател, но се залага за укинување на цензусот, за кој вели дека е непотребен со оглед на церемонијалната улога на шефот на државата, но, сепак, очекува на овие избори дека цензусот ќе биде исполнет.

Инсистира на повеќе жени во политиката, а зошто таа, а не Блерим Река и Стево Пендаровски за претседател, вели дека таа е златната средина во општеството и нејзиниот избор би бил предизвик, бидејќи жените поинаку им пристапуваат на работите и жените не лажат.

Ви пренесуваме дел од интервјуто на МИА:

Очекувате ли исполнување на предвидениот цензус?

Да, јас очекувам цензус. Мислам дека е важно да се излезе на овие избори, за да се делигитимира власта. Таа е делигитимирана уште по неуспешниот референдум, бидејќи сè што следуваше по референдумот не е врзано за изворот на суверенитетот, граѓаните, но ова би значело потврда на тоа и би довело до потреба од предвремени парламентарни избори. Велите што би направила, многу нешта би направила.

Накусо, прво претседателот има овластувања во надворешната политика, тоа е поделена надлежност со МНР. Сметам дека кохабитацијата е многу важна, а ако јас победам тоа ќе се случи, кохабитацијата не е болест, туку е здрава можност, здрава вежба на консензус на државнички однос за прашања од национален интерес, но во оваа сфера сум имала и имам големи забелешки за дипломатите, за оние кои се нашиот лик во европското и меѓународното огледало.

Мислам дека дипломатите треба да бидат исклучително квалификувани, исклучително одговорни, затоа што претставата за Македонија, првата и најважната, ја даваат тие. Да потсетам кои сè луѓе беа во дипломатијата, не само што не ја претставуваат Македонија таква каква што е, туку ја прикажуваат во уште полошо светло. Логично е да може да се отповика некој што не ја претставува земјата како што треба.

Дали ќе кохабитирате со актуелната власт. Како ќе ги изгладите несогласувањата околу одредени политики?

Со дијалог. Кохабитацијата не зависи од нашиот карактер. Кохабитацијата е еден нормален редовен инструмент. Во случајов, јас имам друга предност, јас не сум член на политичка партија, непартиска сум. Да, поддржана сум од најголемата опозициска партија, меѓутоа мислам дека тоа воопшто не значи вистинска кохабитација, бидејќи таа е кога претседателот и парламентарното мнозинство се од различни политички партии. Јас знам како се гради компромис, со аргументи. Ќе опстојувам, се разбира, на своите ставови. Мислам дека тука ќе имаме успех.

Неизбежно е прашањето за името. Имате, да кажам, непопустлив став за името. Сменето е, станавме Република Северна Македонија, вратите на НАТО и на ЕУ се отворија. Но во Вашите обраќања од митинзите порачувате не веднаш, ама со уставна промена ќе го заштитите името со клаузула за непроменливост. Како планирате да го сторите тоа?

Да, вратите се отворени, но ќе видиме колку се отворени. За НАТО мислам вратата е навистина отворена, но да бидам искрена причината беше повеќе геостратешка, а не беше вистинско решавање на проблемот меѓу Република Македонија и Република Грција, бидејќи јавноста, двата народа не беа вклучени ниту соодветно информирани за овој процес. Едно е изјава за отвореност, но набргу ќе видиме дека за да влезете внатре вие треба… друго е да стоите пред отворена врата.

Сметате ли дека ќе влеземе во НАТО?

Во НАТО мислам дека ќе влеземе, а за ЕУ не верувам, не верувам ниту дека во јуни ќе добиеме покана. Во ЕУ се влегува со исполнување на Копенхагеншките критериуми, а тие значат владеење на правото, либерална компетитивна просперитетна економија, независно судство, жестока борба со криминалот и корупцијата, деполитизација и департизација на администрацијата, слободни и независни медиуми.

Законот за јавното обвинителство каде што се решава и СЈО е неминовно прашање во овој контекст. Преговорите течат, некако тешко оди договарањето на позицијата и опозицијата. Вашиот став дали СЈО треба да функционира како автономна институција и да се остави да си ја доработи работата што ја почна или треба на некој начин да се блокира работата на ова обвинителство?

Моите француски колеги велат дека сè што е специјално треба да биде од времен карактер, бидејќи специјалните институции зборуваат за специјален амбиент. Имавме таков амбиент, но јас сум правник, Уставот вели дека Јавното обвинителство е единствена организација, СЈО се создаде од политички причини, тоа е факт и сега треба некако да се лоцира во рамки на јавнообвинителскиот систем.

Да, Јавното обвинителство може да има специфична надлежност, иако ние имаме одделение за организиран криминал во рамки на ЈО, но мора биде дел од системот. Јас дури имам проблем за посебен закон, но тој беше донесен, се разбира дејства некои беа преземени, треба да се довршат.

Кај мене се создава страв од паралелизам да не имаме двајца јавни обвинители, еден на државата и еден специјален, ама со статус, надлежности и финансиска поддршка, која е поголема од онаа на оној првиот.

Се плашам да не дојде до разногласија внатре, оти кога правото е во прашање најважно е во таа пирамида да се знае постапката, да се знаат надлежностите, да се знае кој кому одговара, затоа што ако имате поделена надлежност, но нема одговорност, може да биде загрозено правото. Се надевам дека ќе се договорат.

Прв пат во посета имавме грчки премиер. Ципрас имаше средба со Заев, имаа средби министрите од двете земји, се потпишаа голем број договори, меморандуми, соработката се зајакнува. И двајцата премиери во изјавите на прес-конференцијата напоменаа дека сметаат дека опозициите и во едната и во другата држава со тек на време ќе го прифатат Договорот од Преспа, односно кога би станале власт, ако победат на некои следни избори нема да се откажат од Договорот, бидејќи никој не би се откажал од она што е позитивно, од она што земјите ги движи напред, а за нашата земја ги отвора вратите на ЕУ и НАТО. Ваш коментар?

Не знам дали оцената што е добро што е лошо зависи само од премиерите. Во Грција не се сомневам дека еден ден и опозицијата ќе го прифати ова решение, зашто Договорот, кој сака нека кажува и како сака нека објаснува, е асиметричен, едната страна има права, другата страна има обврски.

Сепак, многу пати велам, и кога немало држава, имало македонска нација, во 19 век тогаш се формирала и грчката нација, не во петтиот век. Никој нема да го убеди македонскиот народ ниту мене дека можеме двомесечната историја со Република Северна Македонија безболно, успешно, без трауми, со достоинство да ја транспонираме на минатото.

Оти, видете, тони книги се напишале за македонската држава, за македонската нација. Сега вие кога ја читате Преамбулата читате илинденците, партизаните, па дури и ние на референдумот во 91 сме гласале за Северна Македонија, тоа не е точно, тоа е што велите вие новинарите фејк њус.

Сметаме ли дека меѓународната заедница повторно ќе го насочи фокусот кон нас за ние да постигнеме нешто поинакво како што Вие мислите. Меѓународната заедница си има свои проблеми, постигнавме компромис, ни се дава ветер во грб да одиме напред, меѓутоа дали повторно би се позанимавале со нас, дали со тој пристап ние всушност ќе ја пропуштиме шансата?

Не смееме ниту да ја глорифицираме ниту да ја сатанизираме меѓународната заедница. Таа е практична, прагматична, сака да си наниже уште еден решен проблем, си има внатрешни проблеми. Тече процес на редизајнирањето на ЕУ по брегзит. Гледате за Црна и Гора и Србија во моментов, да, има отворена врата, ама малку ќе постојат на прагот на отворената врата, можете да замислите како ќе биде тоа со Македонија. Ветерот може да дува, ама ако има нешто да дувне, за да поттурне напред, ако ние работевме на реформите, оваа власт дојде како реформска власт.

Дали ќе ги потпишувате указите за законите, доколку бидете претседател?

Видете, името е правен факт, не само реален, новото име и јас ќе потпишувам. Едно е што ќе потпишувам, тоа е тоа што го усвоиле преку кршење на домашното и меѓународното право, а друго е јас што ќе правам лично.

Најавивте комисија од експерти за името, која ќе докаже дека е прекршено меѓународното право. Пред кого ќе докажуваме?

Кога зборувам за комисија не мислам утре ќе создадам едно тело и сега ќе тргнеме пред судовите и слично. Имаме искуство и уште верувам во задолжително меѓународно право, бидејќи кога нема задолжително меѓународно право не можат да постојат ниту ОН.

Само да ги потсетам моите критичари и во Преспанскиот договор се вели дека сите спорови врзани за односите меѓу страните во последната инстанца ќе ги решава Судот на правдата во Хаг, истиот суд чија пресуда некој од претставниците и на НАТО и на ЕУ и на Република Грција и на РМ не ги признаваа. Тогаш ние одиме назад, Лигата на народите си замина од историјата на еден чуден начин.

Минимум право задолжително треба да постои – тоа е правото на самоопределување, на еднаквост меѓу страните, на немешање во внатрешните работи. Мешање во внатрешни работи било да се повикате на Рамковната конвенција за заштита на правата на малцинствата, која ја има потпишано Грција, а ја нема ратификувано или да се повикате на Конвенцијата за регионални малцински јазици, тоа се европските инструменти и тоа нема врска со мешање во внатрешни работи.

Ама мешање во внатрешни работи е да треба на споменик на плоштад, кој не знам ни дали е споменик, туку е авторско дело, направено во 2014 година да пишете дека имал врска со хеленското наследство, па тоа е интелектуална сопственост на авторката, јас често пати велам што ако е пародија на воините.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Река за МИА: Уште малку ќе завршиме како празна држава, и граѓаните веќе се имуни од предизборни ветувања

Фото: Фејсбук/Силјановска

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Андонова: 175 едноставни и економични рецепти за нега, кои можете да ги подготвите дома

Редакција

Блажун Вошнер: „Имаме македонски лекари со успешна кариера во Словенија, но отворени сме за нови”

Редакција

Јовановски: Дипломатијата е многу важен дел од градењето на идентитетот на една држава

Редакција