еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Сите детали: Награден фонд од 500.000 евра за МојДДВ#МојаНаграда

Oд 15 декември почнува ФинХакатон2:МојДДВ#МојаНаграда, заеднички проект на Министерството за финансии и Фондот за иновации и технолошки развој за креирање иновативна маркетинг-стратегија за #МојаНаграда, со цел да се влијае на граѓаните да земаат и да скенираат фискални сметки и со тоа да се намали сивата економија.

Министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната заедничка прес-конференција со директорката на УЈП Сања Лукаревска, информира дека наградниот фонд за МојДДВ#МојаНаграда е половина милион евра, а организатор е Државната лотарија.

Ќе има 10 дневни награди и тоа четири од 1.000 денари, три од 2.000 денари и три награди од 3.000 денари. На месечно ниво ќе има 12 кола на извлекување, а сите сметки кои биле скенирани, а не биле добитни за дневни награди, ќе учестуваат во месечното извлекување.

Двете главни награди ќе бидат во вредност од три милиони денари и тоа едната ќе биде извлечена во март, а другата на крајот на наградната игра во декември 2020 година.

Kако што појаснија, кога фискалната сметка ќе ја скенирате веднаш на екранот ќе се појави дали е добитна, доколку не е ќе добиете едукативна порака за тоа каде се трошат парите на граѓаните и други пораки.

„Граѓаните ќе бидат мотивирани да ги скенираат сите фискални сметки, без разлика дали имаат 5 проценти ДДВ или нула проценти ДДВ. Сега сите ќе имаат еднаква шанса за добивка“, рече меѓу другото Ангеловска.

Сања Лукаревска, директорка на УЈП, на прес-конференцијата информирајќи дека од декември стартува исплатата на средствата за граѓаните согласно податоците од првото тримесечие на проектот Мој ДДВ, јули, август и септември, потенцира дека ќе има враќање на средства во износ од повеќе од три милиони евра во џепот на граѓаните.

Според неа, има одлични резултати во делот на наплата ако се споредат податоците споредбено со други години односно има скоро повеќе од 10 проценти зголемување на ДДВ-то и во јули, и во август и во септември.

Од 1 јули заклучно со 28 ноември, истакна Лукаревска, има вкупно 184.728 корисници на апликацијата за Мој ДДВ, скенирани се 39.584.924 фискални сметки, а остварен е промет од 19 милијарди 377 милиони денари.

Вкупно ДДВ од сето пресметано, изнесува две милјарди 98 милиони 709 илјади денари, додека вкупно поврат за целиот период на траење на мерката Мој ДДВ изнесува пет милиони 119 илјади евра.

Одговарајќи на новинарско прашање колку граѓани го имаат достигнато лимитот од 1.800 денари Лукаревска УЈП се уште ги прави анализите, затоа што, рече, има одредени лица кои го оствариле тој лимит, но ја немаат точната трансакциска сметка.

Таа апелираше до сите физички лица кои ја користат апликацијата Мој ДДВ да ги проверат своите трансакциски сметки, а доколку немаат внесено трансакциска сметка да го направат тоа што побрзо.

Согласно евиденцијата во УЈП, 10.344 граѓани немаат внесено трансакциска сметка, а просечната старост на лицата кои скенираат фискални сметки е од 42 до 44 години возраст, а најмногу скенираат лица на возраст од 35 години.

Во скопските  општини Аеродром, Центар, Кисела Вода и Карпош има пораст на скенирањето на фискалните сметки, како и во Битола и во Штип.

„Имаме зголемување на пријавување на нерегуларностите од започнувањето на оваа мерка од 1.јули, а УЈП преку своите мобилни екипи постапуваше секојдневно. Правевме и снимање на промет, еден вид процес на опомена на оние даночните обврзници кои не го почитуваат законот“, рече Лукаревска.

Инаку, маркетинг Агенцијата „Меккен“ во следните 12  месеци ќе ја реализира маркетинг стратегијата за оваа наградна игра.

МИА/Фото: Министерство за финансии

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Извршниот директор Давков открива детали за Ист Гејт Мол: Стартува со 220 продавници и 600 трговски марки

Редакција

(Видео) Продолжен викенд: Километарски колони на границата со Грција

Редакција

Сите вакцини се ефикасни во заштита од тешка форма на болеста и хоспитализација од делта сојот, велат од Министерство за здравство

Редакција