Комисијата за хартии од вредност (КХВ) денеска и наложи на Македонската берза АД Скопје привремено да го прекине тргувањето со акциите издадени од „ЗК Пелагонија“ АД Битола.
Како што соопшти КХВ, тргувањето со акциите од издавачот „ЗК Пелагонија“ АД Битола и другите инволвирани берзански субјекти веќе извесен период се предмет на надзор од страна на КХВ согласно сите закони од нејзина надлежност и за исходот како и досега јавноста ќе биде благовремено известена.
„Нетипичната побарувачка на акциите на „ЗК Пелагонија“ АД Битола, која се одразуваше врз нивната цена, а во услови на недостиг на јавно расположливи информации нужни за проценка на моменталната состојба од страна на друштвото беше причина денеска на 17.02.2021 година, КХВ да и наложи на Македонската берза АД Скопје привремено да го прекине тргувањето со акциите издадени од „ЗК Пелагонија“ АД Битола.
По барањето од КХВ, издавачот ја извести Комисијата дека нема сознанија за постоење конкретно ценовно чувствителни информации кои треба да ги објават согласно Правилата за котација на Македонската берза АД Скопје, ниту пак располагаат со информација за евентуална заинтересираност на инвестициски фондови за купување на друштвото“, наведува КХВ.
Според Комисијата, бидејки информациите го движат пазарот и влијаат на обемот на тргување или на цената на хартијата од вредност, а често пати нивното отсуство или неточност може да доведе до заблуда или да креира лажна слика за пазарот кое е забрането дејствие со закон, Комисијата ги повикува сите субјекти кои поседуваат било какви информации поврзани со евентуално тргување врз база на внатрешни информации независно дали се стекнати преку остварување на професионални задачи или обврски да ги пријават во КХВ, а во функција на активната супервизија на пазарот на хартии од вредност и ефикасно истражување на евентуални противзаконски дејствија.
„Напоменуваме дека тргувањето со внатрешни информации е забрането со Законот за хартии од вредност и претставува кривично дело, а за негово докажување како сериозен облик на противправно постапување потребно е повеќефазно прибирање на докази.
Комисијата останува посветена на континуираната определба дека транспарентноста и објавувањето на податоци од страна на издавачите се и треба да бидат централниот столб на ефикасното функционирање на пазарот на капитал.
Комисијата за хартии од вредност ќе продолжи активно да следи дали котираните компании обезбедуваат сигурни, точни и навремени информации, со што се штитат интересите на инвеститорите“, наведува КХВ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Суспедирано тргувањето со акциите на ЗК Пелагонија
„ЗК Пелагонија“ ја „тресе“ берзата: Се купуваат акции вредни илјадници евра