еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Словенија, Чешка и Австрија од Скопје дадоа силна подршка за старт на преговорите со Македонија

За нас целосното членство на Северна Македонија и Албанија, но и сите земји на Блаканот е наш стратешки интерес. Тоа е наше непосредно соседство, во политичка, културна и економска смисла. Ние имаме половина милион граѓани во Австрија со семејно потекло од Западниот Балкан, па така имаме многу силни човечки врски меѓу нас, рече на денешната прес-конференција министерот за надворешни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг.

Австрија, вели тој, беше горда што можеше да биде заедно со нас во Европската Комисија и што можеше да му помогне на регионот во механизмот за делење на вакцини со првата пратка на „Фајзер“, затоа што, како што рече, тоа е тоа што беше споменато „во случај на потреба, секогаш може да сметате на вашите партнери во ЕУ“.

– Нашата цел и целта на следното претседателство е да ве задржиме јасно на патот кон ЕУ. Се разбира, европското обединување не е целосно се додека сите земји од Западен Балкан не станат членка на ЕУ. Сите знаеме дека има важни билатерални прашања.

Ние сметаме дека билтералните прашања не треба да го блокираат процесот на пристапување, но мислам дека сите се согласуваме дека мора да се справуваме со прашањата и затоа целосно ги поддржуваме напорите на португалското претседателство, заедно со министрите овде и во Софија и целосно ги поддржуваме напорите на следното словенечко претседателство кое ќе се одржи есента, многу важен самит за Западниот Балкан, рече Шаленберг.

Додаде дека не смее да се губи повеќе време и порача да се обидат 2021 година да не биде целосно изгубена.

На прашање дали се фрустрирани 16 години да ги испраќаат истите поддршки, Шаленберг нагласи дека нештата се во голема мерка променети.

– Нештата навистина се променети, затоа што сега зборуваме за конкретен датум за отворање на Меѓувладината конференција за започнување на преговорите. Така што, постои драматичен напредок.

Ова е сега клучно време, клучен момент ве молам разберете дека не сакам да навлегувам во детали, ова е тековен процес но навистина го поддржувам се што како предлог го стави на маса португалското претседателство, рече Шаленберг, повикувајќи ги сите да намалат со емоциите и реториката, оти, како што рече, тоа нема да помогне.

Логар: Западниот Балкан е важно прашање за претстојното претседателство на Словенија со ЕУ

Западниот Балкан е многу важно прашање за претстојното претседателство на Словенија со ЕУ. Сакаме прашањето за земјите од Западен Балкан да го внесеме на врвот на дневниот ред во ЕУ, рече министерот за надворешни работи на Словенија, Анже Логар на заедничката прес-конференција со шефовите на дипломатиите на Северна Македонија, Австрија и Чешка, Бујар Османи, Александер Шаленберг и Јакуб Кулханек.

– Ви честитам за работата што ја завршивте во последните години за да ги исполните сите барања на условите на Европската Унија, сега е ред на ЕУ да испорача, истакна Логар.

Тој посочи дека денеска во својство на претставници од неформалната група земји – членки на ЕУ „Ц5“, се тука да ја презентираат дискусијата од Советот за надворешни работи и да дознаат за напредокот на земјата што е постигнат со соседна Бугарија.

-Словенија секогаш вложува многу напори во остварувањето дијалог и знаеме дека со добар дијалог можеме да ги постигнеме резултатите што сакаме да ги постигнеме и сакаме да ве поттикнеме да продолжите по тој пат.

Гледаме многу позитивни подобрувања, што беа презентирани денеска и исто така задволство ни е што претседателите на Северна Македонија и Бугарија заедно ќе отпатуваат в среда во Рим, потенцира Логар.

Тој истакна дека посетата на Рим е одлична можност да се дискутира за прашањето, а во меѓувреме, тој посочи дека министрите за надворешни работи ќе направат се што можат да и помогнат на Северна Македонија и нејзиниот пат кон ЕУ, како и започнување на Меѓувладина конференција.

-Западниот Балкан е многу важно прашање за претстојното претседателство на Словенија со ЕУ. Следниот месец ќе го преземеме Советот на ЕУ и клучното прашање на неформални и највисоки можни политички дискусии ќе биде Самитот за Западен Балкан, па така сакаме прашањето за земјите од Западен Балкан да го внесеме на врвот на дневниот ред во ЕУ.

Како што кажав тоа е од стратешко значење за ЕУ, не само за оваа земја туку и за регионот и сакаме да ја замениме политиката од решавање проблеми со наоѓање решенија, додаде словенечкиот министер за надворешни работи.

Тој заклучи дека местото на земјите од Западен Балкан е во Западниот Балкан, а доколку е тоа така треба да се најде пат како да се оствари тоа, односно како да се зголеми и подобри реофрмскиот процес и како да се убедат граѓаните да ги прифатат реформите, како да ги остварат, со цел да се приближат кон ЕУ.

На прашањето околу организацијата на неформалниот Самит за Западен Балкан, Логар истакна дека секоја земја која претседава со ЕУ има можност да даде регионален привкус на сопственото претседателство.

-Слушајќи ги гласовите во Европската Унија за важноста на земјите од Западен Балкан, за долговечноста на ЕУ и развојот на безбедносните прашања поврзани со овој регион одлучивме да формираме неформален Самит за Западен Балкан.

Сакаме конкретна дискусија, а не само да говориме за подобрувњаата на реформскиот процес во секоја земја од  Западниот Балкан. Како што посочив и претходно потребно е да дискутираме како можеме сите да го заземеме тој став за важноста на регионот за ЕУ, истакна министерот во своето обраќање.

Тој додаде дека сакаат неколку конкретни предлози за овие прашања на неформалниот Самит од другите министри, во друг форма што ќе бидат поврзани со логистика, зелена транзиција, дигитализација.

Логар посочи дека ако се согласат и другите колеги, потребно е да се организираат редовни Самити меѓу Европската Унија и Западниот Балкан, како што се самитите со источното партнерство.

Самитите, како што истакна Логар ќе се одвиваат на највисоко политичко ниво, а ќе се дискутира за напредокот на регионот, бидејќи се свесни за важноста на вклучување на регионот во Европската Унија.

-Имаше и неколку конкретни предлози да бидете вклучени во шаблонот за роаминг на ЕУ, за да имате конкретни придобивки. Исто така, сакаме да зборуваме и за иднината на Европа, знаеме за таа разлика дека нашето словенечко претседателство со ЕУ ќе преземе поголем дел за дискусијата на Европа.

Би сакале да ги вклучиме и вашите граѓани, со цел да ги слушнеме нивните мислења во рамки на европските институции, посочи тој.

Министерот Логар во одговор на новинарското прашање поврзано со претседателството на Словенија од 2008 година, кога тогашниот министер ја имаше истата агенда за Западниот Балкан и проширувањето посочи дека постојат моменти и настани во политиката кога треба нешто да се направи, а денешната презентација и посета е со цел да се докаже дека тоа може да биде сторено.

-Понекогаш е подобро да не се зборува, да не ја заоструваме дебатата туку да го олесниме проблемот. Ја имате целосната поддршка од португалското претседателство и добив чесен збор од другите колеги дека ќе го поддржат и словенечкото претседателство во таа насока, а ние ќе сториме се што можеме да му помогнеме на португалското претседателство да продолжи да им помага на Северна Македонија и Бугарија да го решаваат ова прашање, додаде Логар.

Заклучи дека непотребна е политичка дебата, бидејќи станува збор за клучно прашање од национален интерес. Како што посочи тој, кога се случуваат вакви работи, патот е долг, но важно е да се има јасна насока и упати порака на поддршка и поттик за решавање на прашањето.

Кулханек: Не смее да има нови одложувања за Северна Македонија, ја поддржуваме иницијативата за првата меѓувладина конференција во јуни

Нашата зедничка посета на Северна Македонија има цел да испрати јасна и гласна порака дека сериозно го цениме напредокот којшто земјата го направи до сега во процесот на пристапување кон ЕУ. Почетокот, всушност на вистинските преговори за членство на Северна Македонија одамна доцни и Чешка, Австрија и Словенија, како и други истомисленици меѓу земјите членки на ЕУ силно ја поддржуваат иницијативата на португалското претседателство со Унијата да се организира првата меѓувладина конференција во јуни. Не смее да има нови одложувања.

Ова денеска го порача чешкиот министер за надворешни работи Јакуб Кулханек, кој е во посета на земјава, во својство на еден од претставниците на неформалната групата земји членки на ЕУ „Ц5. Ова, рече тој, е навистина одлична група од пријатели.

-Клучно е да знаеме дека овој важен чекор во процесот на пристапување е искомплициран поради билатерален спор со соседна земја. Градењето добрососедски односи е клучна компонента на процесот за пристапување. Сепак користејќи го овој процес за да се поставуваат конкретни билатерални барања, не е фер, и не е во ред. Се надеваме дека овој билатерален спор ќе се реши преку билатерални преговори навремено, истакна Кулханек.

Средноевропските земји имаат богата историја на сложени односи и спорови, но, според чешкиот министер, тие успеале да ги надминат несогласувањата и да станат силни партнери и пријатели во рамките на поголемото европско семејство на ЕУ.

-Сите ги споделуваме нашите ставови и загриженоста на нашите партнери од Западен Балкан, но мораме да гледаме напред, мора да се фокусираме на она што можеме да го направиме за Северна Македонија и за целиот регион.

Интеграцијата на регионот во ЕУ е наш стратешки избор и тоа треба да биде на врвот на нашите мисли кога ќе дојде време за Самитот на ЕУ. Би сакал да ве уверам дека во таа насока Северна Македонија и другите земји од Западен Балкан можат да сметаат на нашата целосна поддршка, порача министерот за надворешпни на Чешката Република, Кулханек.

Тој ја пофали нашата земја, за како што рече, храбриот напор да го сузбие протокот на мигранти и нагласи дека Чешка е силен поддржувач на Северна Македонија.

Во одговор на новинарско прашање Кулханек рече дека неможе и несмее да се дозволи да се заглави во ваквите историски спорови и барања.

-Ја планираме оваа конфернција во јуни, го спомнавме тоа, и сакаме да направиме се што е можно за да таа се случи и затоа сме овде сите тројца министри за да ја покажеме нашата силна поддршка за С Македонија, потврди уште еднаш Кулханек.

МИА/Фото: МНР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 135 случаи на Ковид-19 од 1.993 тестирања

Редакција

Едно момче спасено од давење во Вардар кај неготинско Пепелиште, по друго се трага

Редакција

„Окта“ и „Супертрејд“ го добија тендерот за набавка на дизел за нафтените резерви вреден седум милиони евра

Редакција