еМагазин
Бизнис ТОП СТОРИИ

Сметките да ги плаќаат навреме сите што имаат редовни примања – опасност постои од нарушување на ликвидноста на системите

Во периодот додека трае вонредната ситуација предизвикана од Ковид 19 вирусот, граѓаните нема да бидат исклучени, иако не ги имаат навреме подмирено сметките за струја, вода или парно греење.

Оваа најава од Регулаторната комисија за енергетика имаше за цел да созаде спокој помеѓу граѓаните во овие вонредни услови, но истовремено го намали темпото на наплата.

Од компаниите кои вршат јавна дејност, „ЕВН“, „БЕГ Снабдување“ и „Водовод и канализација“, веќе неколку пати потврдија дека ќе ги почитуваат препораките на Регулаторната комисија за енергетика и дека нема да исклучуваат во овој период.

Сосема е нормално во моментов кога се бориме со пандемијата, додека се на сила вонредните мерки и кога поголемиот дел од компаниите отежнато или воопшто не работат и голем број граѓани и наши корисници работат во вонредни услови, да има намалување на наплатата.

Енергетскиот систем е комплексен и сите енергетски компании се врзани во круг. Ако наплатата е намалена тоа влијае на плаќањето на електричната енергија која ЕВН ја купува од државниот производител и од други, влијае на плаќањето за преносот на истата преку државниот Преносен систем оператор и воопшто одржувањето на енергетскиот систем.

Доколку нема наплата, целиот ланец ќе трпи загуби, како енергетските компании кои учествуваат во цената, така и компаниите соработници кои го одржуваат системот.

Дел од сметката за потрошена електрична енергија е и Данокот на додадена вредност кој е важно да се плаќа за да функционира државниот систем, велат од ЕВН Македонија.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски, ги повика граѓаните кои во периодот на пандемијата од Ковид 19 ги задржаа своите редовни примања навреме да ги подмират своите сметки за струја, греење и вода.

Тој апелира до потрошувачите кои што и натаму имаат исти примања како претходно, да си ги подмируваат редовно сметките за да не настане сериозен проблем со ликвидноста.

„Тоа е еден маѓепсан круг, ако ЕВН не собира пари, ќе имаат проблем за работа МЕПСО и ЕСМ и ќе имаме проблеми со сите водни претпријатија. Оваа мрежа ќе треба да продолжи да им служи на граѓаните и по завршувањето на оваа вонредна состојба“, порача Бислимоски.

Од компаниите „ЕВН“, „БЕГ Снабдување“ и „Водовод и канализација“ веќе упатија апел да се користи електронско плаќање на сметките, за да се избегне физички контакт, а истовремено да им се овозможи на граѓаните што имаат можност да ги платат сметките, тоа да го направат во предвидениот рок.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Три лица од Прилеп загинаа во сообраќајка на патот Битола-Прилеп

Редакција

На Попова Шапка има снег за скијање

Редакција

Богдановиќ: Штетите кои би настанале од суспендирање на урбанистичкиот план ќе ги сноси Општината

Редакција