Кандидатот на ДУИ за градоначалник на Општина Пласница, Алија Јаоски победи на локалните избори. Според податоците на Државната изборна комисија, на изборите во Општина Пласница гласале 4.954 избирачи. Јаоски добил 1.696 гласови, а неговиот противкандидат Рамазан Шерифовски 231.
Интересно е што со изборот на Јаоски за градоначалник, граѓаните од Општина Пласница повторно му дадоа доверба на едно семејство кое со години наназад ја води локалната самоуправа во овој крај.
Имено, Алија е брат на Исмаил Јахоски кој беше избиран за градоначалник на Општина Пласница на локалните избори во 1996 година, во 2000 година, потоа во 2009 година и по четврти пат во 2013 година. Тој сега е пратеник во Собранието.
Јахоски е познат и по тоа што во 1993 година го основал претпријатието „Пуцко петрол“ кое располага со повеќе бензински пумпи и се занимава со промет на нафтени деривати, градежни материјали и други дејности. Во него има повеќе од 100 вработени.
Станува збор за компанија која е една од најголемите добитници на државни тендери за набавка на нафтени деривати, Според последните инфрмации, неговиот бизнис сега го води неговиот син.
Инаку, Општина Пласница се наоѓа во средишниот дел на Западна Македонија и се протега на северните и североисточните падини на Бушева Планина и планината Сач. Територијата на општина Пласница има површина од 54,30 км².
Општината се граничи на североисток со општина Македонски Брод, на југоисток со општината Крушево и селото Сопотница и на запад со општина Вранештица. Во состав на општината се 4 населени места кои се сместени во горниот тек на реката Треска: Пласница,Преглово, Лисичани и Дворци.
Според пописот од 2002 година во општина Пласница живеат 4.545 жители во 1.125 домаќинства и 1.225 станови. Густината на населеност во оваа општина е 84,2 жит./км². Според националната припадност во општината живеат 4.446 Турци, 34 Македонци, 20 Албанци и 45 жители кои се изјасниле како припадници на други заедници.
Фото: Општина Пласница/Фејсбук/Јаоски
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кандидатот на ДУИ, Алија Јаоски е новиот градоначалник на Пласница
„Пуцко петрол“ го доби тендерот на ЈСП Скопје за набавка на еуродизел вреден 13,2 милиони евра
„Пуцко петрол“ го доби тендерот на МВР за набавка на екстра лесно гориво вреден 1,3 милиони евра
Кој е Исмаил Јахоски, чија компанија „Пуцко петрол“ „растура“ на тендери