За се можеме да правиме компромис и да разговараме, но за почитување на Уставот и законите нема компромиси, истакна денеска премиерот Оливер Спасовски, кој додаде дека веќе презел чекори во однос на постапката на техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи во врска со таблата во Министерството со кое таа раководи односно доставил предлог до Собранието за нејзино разрешување.
„Одговорноста треба да ја имаме пред граѓаните, државата, нејзината иднина. Ако некој смета дека ситно партиските, тесни, политички интереси се поважни од Македонија и иднината на оваа држава се лаже многу. Јас како претседател на Владата и оваа Влада нема да дозволиме никој да си поигрува со судбината на државата и на граѓаните“, рече Спасовски и нагласи дека предлогот е веќе доставен.
Барањето за разрешување следува откако министерката Мизрахи неколкупати се појави на прес-конференција во МТСП пред табла со името „Република Македонија“. Ставот на Мизрахи е дека таа табла ја затекнала во Министерството кога ја презела функцијата, и оти пред неа и во минатото поранешната министерка Мила Царовска одржувала средби и прес-конференции.
Според Уставот за предлогот за разрешување на член на Владата одлучува Собранието на првата наредна седница.
МИА/Фото: Мизрахи/Фејсбук
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Министерката Мизрахи и казна ќе плати, ама таблата со Република Македонија не ја менува
МВР бара кој објавувал расистички содржини за министерката Мизрахи на „Фејсбук“