Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) денеска официјално ја започнува Специјалната мисија за проценка на изборите (СМПИ) за предвремените парламентарни избори на 15 јули 2020 година во Македонија.
Распоредувањето на мисијата следува по официјална покана од властите во земјава.
„Мисијата е предводена од Лаима Андрикиене (Литванија) и се состои од главен тим од осум интернационални експерти со седиште во Скопје.
СМПИ на ОДИХР ќе продолжи со набудувањето на изборниот процес што започна со Мисијата за набудување на изборите (МНИ) на тогаш закажаните предвремени парламентарни избори на 12 април 2020 година, кои беа прекинати поради пандемијата со Ковид-19.
Мисијата ќе ги процени изборите за нивната усогласеност со заложбите на ОБСЕ и другите меѓународни обврски и стандарди за демократски избори, како и со националното законодавство.
Набудувачите ќе ги следат фундаменталните аспекти на изборите, како што се регистрација на гласачите, регистрација на кандидатите, активности во кампањата и медиумско покривање на кампањата, работата на изборната администрација и релевантните државни органи, спроведување на правната рамка и решавање на изборните спорови“, соопштија од ОБСЕ.
СМПИ на ОДИХР исто така ќе спроведе квалитативно и квантитативно мониторирање на медиумското покривање на изборната кампања. Мисијата ќе оствари состаноци со претставници на релевантните власти и политички партии, граѓанскиот сектор, медиумите и меѓународната заедница.
„При спроведувањето на своите активности, СМПИ на ОДИХР ќе соработува тесно со здравствените власти и ќе ги следи здравствените протоколи коишто ги имаат воспоставено. СМПИ на ОДИХР нема да спроведе систематско или сеопфатно набљудување на постапките за гласање, броење и сумирање на гласовите на денот на изборите, во согласност со методологијата на ОДИХР за мисиите за проценка на изборите.
Меѓутоа, членовите на мисијата ќе посетат ограничен број на избирачки места на денот на изборите. Ден по изборите, ОДИХР ќе ги објави своите прелиминарни заклучоци за изборниот процес и ќе разговара за своите наоди на прес-конференција“, соопштија оттаму.
Конечниот извештај со проценка на целиот изборен процес, кој содржи препораки, ќе биде објавен приближно два месеци по завршувањето на изборниот процес.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Џафери го потпиша Решението за распишување на предвремените избори на 15 јули
Мицкоски потврди дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на изборите на 15 јули
Заев и Мицкоски се договорија, избори на 15 јули