Изутринава во 02.53 часот е спречен обид за насилен влез во кругот на касарната „Гоце Делчев“ во Скопје, информираат од Министерство за одбрана.
„Војникот што бил на стража постапувајќи според пропишаните процедури и постапки повеќе пати вербално го предупредил лицето, но откако се оглушило на предупредувањата, стражарот испукал два предупредувачки истрели во воздух.
Лицето и понатаму се оглушувало на предупредувањата при што со еден од истрелите бил погоден во петицата на десната нога. Согласно процедурите му била пружена прва помош и бил транспортиран во болница. Веднаш се известени надлежните истражни органи“, се вели во соопштението.
Воена полиција, МВР и јавен обвинител излегле на местото на настанот.
Сите релевантни информации и докази за настанот се предадени на надлежните органи кои работат на расчистување на случајот.
Фото: АРМ