еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Старата против новата гарда во ВМРО-ДПМНЕ: Зошто молчи Никола Груевски?

Македонската јавност деновиве со изненадување ги следи случувањата во ВМРО-ДПМНЕ односно отворениот напад врз раководството на партијата од некогашните „видни“ членови. Сашо Мијалков, Ивица Коневски, Даниела Рангелова, Митко Јанчев, Никола Тодоров се дел од лицата кои отворено обвинуваат дека лидерот на партијата, Христијан Мицкоски треба да понесе одговорност за слабиот резултат на изборите и дека се потребни промени во партијата.

Така, Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и разузнавање и еден од најкотроверзните ликови на македонската политички сцена, којшто беше обвинет во повеќе судски процеси за „Плус инфо“ изјави дека се плаши оти повторно Мицкоски и највисокото раководство околу себе ставаат стаклено ѕвоно и ја игнорираат реалноста.

„Повторно со некакви математики кои се разбирливи само за нив, креираат лажна слика и живеат во еден лажен свет. Проблемот е што сега се помалку граѓаните им веруваат. Добар дел и од блиските на Мицкоски не веруваат во оваа лажна слика, но се плашат да кажат дека со политиките кои ги водеа и со неискрениот пристап, не успеаја да обезбедат поддршка од граѓаните“, вели Мијалков.

Поранешната висока функционерка во ВМРО-ДПМНЕ, Рангелова, го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да си поднесе оставка. На гостувањето на ТВ 24 таа кажа и дека никој од членството на партијата не верува дека Мицкоски може да состави Влада, како што си калкулира врвот на партијата.

Градоначалникот на Кавадарци, Јанчев, откако неговата партија ги загуби предвремените парламентарни избори за агенција БГНЕС изјави дека апсолутно е нормално да се постави прашањето за промена на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

„Дојде време за ова прашање. Ова се последните изгубени избори, четврти по ред – загуби на локалните избори, го загуби референдумот, претседателските и сега парламентарните избори. Јас воопшто не разбирам зошто не го признаваат Договорот за пријателство со Бугарија, како и Договорот од Преспа.

Во принцип, ова е лоша политика и лошо раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Мора да има приземјување на лидерството, вклучително и промена. Ова се нештата. Нема ништо друго“, изјави Јанчев.

Тодоров, поранешен министер и висок функционер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во колумна за „Дојче веле“ вели дека евоцирајќи спомени од минатото целава ситуација го потсетила на изборите во 2016 година.

„Груевски беше претседател, а јас бев шеф на изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, па додека ги чекавме изборните резултати, кои беа тесни како и овие, знаевме дека и еден глас да загубиме, и еден пратеник помалку да имаме и тој и јас ќе си поднесевме оставка како врвен демократски чин. Ама сепак, тогаш победивме со 454.577 гласови“, вели Тодоров.

Сличен став има и поранешниот градоначалник на Аеродром, Коневски.

„Повеќе од јасно е дека на партијата и е неопходен добар тим, раководство со капацитет за обединување и демократизација, кои во моментов се клучни за враќање на довербата кај граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш имала свој препознатлив печат, кој за жал изминатите неколку години избледе. Но, и покрај сите премрежија, кај многумина од нас не избледе искрената желба партијата да се врати на својот вистински пат, да ги следи современите текови и повторно да стане делотворен чинител во ова општество.

ВМРО-ДПМНЕ тоа го има, го може и знам дека ќе успее пак да се издигне на пиедесталот, онаму каде што припаѓа, на првото место. Доаѓаат подобри времиња.“, изјави Коневски.

На неговиот став и на другите слични ставови не останаа должни од ВМРО-ДПМНЕ.

„Добро е што Ивица Коневски излезе со став, инаку сликата на печалбар од ВМРО-ДПМНЕ не би била потполна. Очигледно адвокатурата му иде толку лошо, што сега има желба да менува професија и да се враќа во политика, каде што пак последните години од кариера му идеше уште полошо од адвокатурата сега. Работава испаѓа – Не умри магаре до зелена трева.

И не треба никој да се труди да пишува имиња и презимиња околу печалбарите, сами ќе се јават сите. Е сега малку околу суштината, овие луѓе кои бараат смена на претседателот Христијан Мицкоски се всушност неславниот багаж кој ВМРО-ДПМНЕ го влечеше како тег во пропаст, а потајно се молеа и работеа да победи СДСМ и на референдумот и на изборите.

Сметам јас, а и целото членство, дека е време тој багаж да се истовари, затоа што ВМРО-ДПМНЕ е многу повеќе од тие ликови кои кога велат промени, мислат на тоа – тие да ја управуваат партијата која и тогаш и сега ја гледаат како ДООЕЛ за пари и бизнис.

А, слушам веќе и функции си поделиле, па Ивица ќе бил секретар. Добра е таа ментална гимнастика на илузијата за која треба да знаат дека домашниот есап и тој на пазар никогаш не излегува.

Знаете зошто? Затоа што ВМРО е на народот, на членовите кои се со нејзе и при сите подеми и при сите падови.

А, сите оние кои ги полнат провладините медиуми со усти полни со омраза кон ВМРО, а во исто време повикуваат на единство во време кога ВМРО-ДПМНЕ се труди да состави Влада, всушност имаат за задача да му помогнат на Заев.

Па, нели е чудно што Ивица Коневски, а и сите други зад кои се провлекуваат афери, скандали и сомнежи немаат проблем со законот и ниту една пријава?

Нели е чудно што човекот што го викаат “комшијата” во Аеродром го нема 3 години да каже збор против Зоран Заев и Златко Марин, а денес тера филозофски расправи за ВМРО-ДПМНЕ?

Тежината на Ивица Коневски се виде на изборите во 2017, односно “тежи” минус 4.000 гласови. Среќа не работеше во кампања сега, па работите дојдоа на свое место и општина Аеродром со сите населби повторно е победничка и бастион.

За на крај, сите овие луѓе кои се дел од багажот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски ќе го остави зад себе. Од тој момент потоа, тој му припаѓа на Заев.

П.С. Заев, со среќа да си го носиш багажот“, соопшти Димче Арсовски, портпарол на партијата.

Неговиот колега Наум Стоилковски пак на Фејсбук објави дека „комшијата“ Коневски лапнал 350 квадрати стан и деловен простор во зграда во Аеродром и затоа три години го немало нигде.

За ваквите обвинувања, Коневски најави тужба до портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тужба најави и еден од основачите и првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски затоа што со последните статутарни измени се укинува функцијата почесен претседател, чиј носител беше тој, објави порталот Поглед.

Порталот пишува дека тој подготвува тим на адвокати кои ќе покренат тужба против ВМРО-ДПМНЕ во негово име, бидејќи согласно позитивната правна регулатива веќе стекнато право не може да биде одземено. Според процедурите нешто што е донесено на Конгрес, не може да биде изменето од страна на Централниот комитет.

Неизбежен заклучок е дека наместо поддршка за состав на нова Влада за што ВМРО-ДПМНЕ има реална можност со освоените 44 пратенички места, старите членови кои повеќе од една деценија беа „пали-гаси“ во Македонија се обидуваат да го кутнат новото раководство на партијата.

Изненадува што по ваквите лакрдии се уште нема реакција од некогашниот лидер на партијата Никола Груевски, кој избега во Унгарија за да не се соочи со македонските судови и таму веќе подолг период престојува како политички азилант.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Љубчо Георгиевски ќе го тужи ВМРО-ДПМНЕ

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе има најмногу три мандати, Груевски веќе не е почесен претседател

ИК на ВМРО-ДПМНЕ го овласти Мицкоски да продолжи со разговори за формирање Влада

Фото: Фејсбук/Груевски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Коронавирусот го намали животниот век за 10 години

Редакција

САД издвоија 500 милиони долари за владеење на правото, а има епидемија на корупција во Македонија, вели Агелер

Редакција

Заев од Атина го повика Мицкоски да покаже лидерство и да го почитува Преспанскиот договор

Редакција