Со исказ на обвинетиот Александар Василевски – Нинџа почна денешното рочиште во Кривичен суд за настаните во Собранието на 27 април минатата година.
Пред судот денеска исказ треба да даваат и тројцата сведоци што ги предложи Нинџа, неговиот брат Благоја Василевски, кој на 27 април беше телохранител на поранешниот премиер Никола Груевски, како и Дејан Димкоски – Боксер и Веле Петрушевски.
Нинџа рече дека имал и псевдоним Самурај кој во 2015 година му го дал началникот на Петтата управа Горан Грујовски и служел за распознавање во службата во УБК. Псевдонимот го добил во јануари-февруари кога Зоран Заев почнал да ги објавува бомбите. Имал и значка на УБК, пиштол и радиостаница.
Пред судот рече дека имал задача да следи комуникации на канал 3 и да се приближи до српските разузнавачи од тајните служби. Немал телохранители, но во 2016 година од Грујовски бил ангажиран, како што наведе, да биде очи и уши на неговиот заменик Никола Бошковски. Истата функција ја наследил и кога Грујовски беше тргнат од функција. Рече дека секојдневно се движел со Бошкоски, кој бил во депресивна состојба откако СЈО почнало предистражна постапка.
Нинџа истакна дека по доаѓањето на Влатко Атанасовски на чело на УБК многу соработувале со Бошкоски. Во кампањата за изборите во 2016 година одел на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ заедно со Бошкоски. По тесната победа бил на прославата на партијата, а потоа откако имало жалби од опозицијата почнале протестите пред ДИК што ги организираше ВМРО-ДПМНЕ. Негова задача, како што рече Нинџа, било да ги надгледувам протестите и да ја известувам службата. На протесите со него доаѓал и Бошковски.
Пред судот Нинџа рече дека додека ДИК заседавал од ВМРО-ДПМНЕ имало насока да се направи сценарио на насилен протест, да се влезе во зградата и да се прекине одлучувањето ако ДИК ги прифати жалбите на опозицијата, но тоа не се случи.
Посочи дека откако не се составила влада со ДУИ се создаде од ВМРО „За заедничка Македонија“, која имаше фиктивни водачи. Негова задача од УБК, како што додаде, било да ги следи протестите, а со него биле Бошкоски и Дејан Димкоски Боксер.
Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Русковска и Ивана Трајчевска.
За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.
Претходно поради влошена здравствена состојба на обвинетиот Сашко Марковски постапката за него беше одвоена и треба да продолжи по еден месец.
Меѓу обвинетите се повеќе пратеници, вработени во МВР и собраниското обезбедување, уметници. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат за виновни.
На обвинителната клупа се Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, Крсто Мукоски, Љупчо Димовски, Јохан Тарчуловски, Митко Чавков, Митко Пешовски, Душко Лазаров, Горан Јошевски-Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Елена Доцевска-Божиновска, Иван Цветановски, Борис Дамовски, Богдан Илиевски-Бетмен, Владо Јовановски, Игор Дурловски, Стефан Младеновски, Михаил Младеновски, Захарие Симовски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Ангеловски, Игор Југ, Илија Славески, Влатко Трајков, Вилијам Михајловски, Никола Митревски-Кољо, Александар Василевски-Нинџа и Митре Питроповски.
МИА