Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди дека Македонија ќе треба да и плати отштета од 1.600 евра на Елена Доцевска – Божиновска, советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Куманово.
Како поранешна вработена во републичкото Собрание, нејзе и биле прекршени правата при постапката за одредување притвор, а во врска со нападот на Собранието на 27 април.
„Пресудата вели дека е прекршен Член 5 став 4 од Европската конвенција за заштита на човековите права по повеќе основи при назаконско определување притвор, негово преиначување, негово продолжување, бројни повреди и прекршувања во текот на целата постапка.
Поминаа 5 години… во претходната фаза од постапката, минатата година ми беше понудена Спогодба. Ја одбив без размислување! Сакам правда, а не пари.
Голема сатисфакција ми е напишаното на тоа парче хартија, сериозна потврда за тоа што беше и е евидентно од самиот почеток дека се работи за монтиран политички процес, со ѕверски притвори, уште поѕверски воден судски процес во крајно нехумани услови и околности (рочишта секој ден во низа, по 10-12 часа, без храна и вода…), драконски изречени казни за недокажано дело,“ пишува меѓудругото на Фејсбук, Доцевска-Божиновска.
Фото: Фејсбук/Доцевска Божиновска