еМагазин
Image default
Македонија

Трендафил Ивановски: Уставниот суд не треба да го урива принципот на владеење на правото и да го штити криминалот

Евентуалната одлука на Уставниот суд за укинување на членот 11-а од Законот за дополнување на Законот за помилување од 2016 година, може да значи рушење на принципот на владеење на правото и на правна држава, вели за МИА поранешниот претседател на Уставниот суд, Трендафил Ивановски.

Уставниот суд во средата одлучи да поведе постапка по поднесената иницијатива за оценување на членот 11-а кој овозможува претседателот на државата да повлече веќе донесена одлука за помилување. Тоа практично би значело дека би се активирале масовните помилувања што ги даде поранешниот претсдеател Ѓорге Иванов за осомничени во постапките на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а потоа под притисок на јавноста ги повлече.

– Уставниот суд треба да сфати дека правната држава се гради преку принципот на владеење на правото и дека не треба да потпаѓа под влијание на какви било политички притисоци, да навлегува во линија да го руши принципот на владеење на правото односно да ја руши самата правна држава.

Сите знаеме на што е последица сегашното реагирање на Уставниот суд. Иницијатива секој може да поднесе, меѓутоа за да се стави и да се даде легитимитет на таа иницијатива и уште повеќе да се поведе постапка, мислам дека тука се поаѓа од аспект да се заштити криминалот, да се заштитат криминалците, и дека е во функција да нема одговорност за криминалот, истакнува Ивановски.

Според него, прашањата што се третираат со оспорената одредба од законот која е во основа на членот 11-а биле јасни уште кога поранешниот претседател Иванов донесе одлука без никаков законски основ, зашто се повикал на една одредба од законот која веќе беше укината од самото Собрание.

– Бидејќи претседателот донесе одлука за аболиција која немаше законски основ, и по реакцијата на македонската јавност тој беше принуден таа одлука да ја повлече. Имаше соодветни приговори за тоа дека наводно претседателот нема овластување за тоа. И сега како кец на десетка, се злоупотреби правото и правните одредби, за тоа да се овозможи. Нормално јавноста е вознемирена, вознемирено е и правото, вели Ивановски.

Уставниот суд, нагласува неговиот поранешен претседател, треба да изнајде сили и да сфати дека таквиот однос или таквото гледање на Уставот и на неговата примена, може да значи само уривање на темелите на правната држава и фактички враќање на криминалот.

Иако во образложението уставните судии се повикуваат на принципот на владеење на правото, Ивановски предупредува дека треба да се внимава, и ако некој го сфаќа буквално и сака некакво покритие за да го руши како принцип, тогаш тој е скаран со правото.

Во меѓувреме, денеска, министерката за правда Рената Дескоска го повика Собранието да даде автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување со цел да се спречат обидите за избегнување на правдата и обезбедување неказнивост за сериозни кривични дела, односно активирање на незаконските помилувања дадени од поранешниот преседател Иванов.

МИА/Фото: Уставен суд

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

„Сите ќе ги амнестираат само Катица ќе лежи“: Твитер реакции за можното враќање на амнестиите на Иванов

Министерката Дескоска го повика Собранието да го спречи активирањето на пoмилувањата на Иванов

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во Кичево два нови случаи на Ковид-19, едно лице почина

Редакција

Ристовски и Пешов неправедно биле држани во притвор за настаните од 27. април, пресуди Европскиот суд за човекови права

Редакција

Комисијата за заразни болести со препораки за „мајмунските сипаници“

Редакција