Протестите во Србија поради минатомесечните масовни престрелки се претворија во најголемите улични демонстрации во Белград во саботата откако демонстрантите го соборија Слободан Милошевиќ од функцијата српски претседател во 2000 година, пишува Њујорк Тајмс.
Протестите „Србија против насилството“, што се одржуваат еднаш неделно, добија замав од почетокот на мај, кога 18 лица беа убиени во два масакри – едниот во училиште во Белград, другиот во околните села.
Тие убиства предизвикаа бран граѓански бунт што критичарите на лидерот на земјата, Александар Вучиќ, го нарекоа протест против „културата на насилство“ промовирана од владата и лојалните медиуми на неа, пишува весникот.
Саботниот протест, петти и најголем досега, го зголеми притисокот врз Вучиќ да исполни барем дел од барањата на демонстрантите, нагласува Њујорк тајмс.
„Тие барања вклучуваат разрешување на високи функционери и одземање на дозволите за емитување од провладините телевизиски станици кои се во лош глас за емитување насилни реални шоуа и игнорирање на опозициските политичари“, се вели во анализата на весникот.
Протестите прераснаа во поширок, иако досега мирен бунт против се поавторитарното владеење на Вучиќ, кој, како што објаснува Њујорк тајмс, прво беше премиер, а потоа претседател, а на власт е речиси една деценија.
„Вучиќ ја започна својата политичка кариера како радикален националист за време на балканските војни во 1990-тите, но во последниве години се обидува да се претстави како проевропски лидер кој сака Србија да ги оживее своите застојани напори за пристапување во Европската унија.
Тој се спротивстави на воведувањето санкции против Русија поради нејзината војна во Украина, но Србија гласаше во Обединетите нации за да ја осуди Москва“, потсетува весникот.
Вучиќ, кој победи на минатогодишните избори, е решен да остане таму каде што е, отфрлајќи ги протестите како „политички трик“ на неговите противници. Вучиќ во минатото веќе се соочи и преживеа големи улични протести, но тие не беа толку големи како саботните, пишува Њујорк Тајмс.
МИА