Од Управата за јавни приходи (УЈП) изутринава потврдија дека сметката на телевизијата „1ТВ”, односно правното лице „1ТВ Дооел Скопје”, е блокирана.
Од таму првично не ги соопштија причините зошто е блокирана сметката.
„Ве известуваме дека согласно Законот за даночна постапка УЈП е обврзана сите документи, информации, податоци или други факти до коишто дошла во даночна, прекршочна или судска постапка, да ги чува како даночна тајна“, велат од УЈП.
Во текот на денот од УЈП за порталот Фактор, кој ја објави информацијата, рекоа дека сметката на телевизијата е одблокирана, откако бил платен долгот.
„Во врска со Вашето прашање за блокираната сметка на правното лице 1Тв ДООЕЛ Скопје, Ве известуваме дека денеска откако е направена уплата на парични средства за исплата на долгот согласно евиденциите на Управата за јавни приходи, банкарската сметка на правното лице е одблокирана, стои во одговорт од УЈП за Фактор.
Од телевизијата 1ТВ пак демантираа дека нивната сметка е блокирана и информираа дека таа е активна.
„Во врска со тенденциозните информации објавени во одредени медиуми дека е блокирана сметката на 1ТВ, менаџментот на телевизијата ја информира јавноста дека сметката на 1ТВ е активна, што може да се утврди и со увид во банкарска потврда.
Воедно, ваквите дезинформации ги оценуваме како злонамерни, кои имаат за цел да го нарушат угледот на телевизијата, предизвикувајќи и материјална штета, но и да внесат забуна кај клиентите и гледачите“, велат од телевизијата.
Од телевизијата објавија и потврда дека сметката не е блокирана.