Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев најави нов протест за утре против поскапувањето на струјата.
„Поскапувањето на струјата значи бизнис за СДСМ. Мафијата си продолжува со профит. Мафијата продолжува со бизниси“, рече Јанушев денеска на прес-конференција.
Како што рече тој, протестот ќе почне во 14 часот пред Регулаторната комисија и еден час со автомобили ќе ја блокираат крстосницата и пристапните улици пред Регулаторната комисија.
Протестот, рече Јанушев, ќе започне пред „Палома бјанка“.
Првиот од низата најавени граѓански протести ВМРО-ДПМНЕ го одржа во средата.
На ваквата најава регира СДСМ.
„ВМРО-ДПМНЕ не можат да помират со тоа што граѓаните веќе не им веруваат на нивните лаги и лицемерие и затоа упорно продолжуваат со деструктивното и неодговорно дејствување.
Ниедна лажна вест, ниеден таканаречен протест, не го сокрива фактот дека токму ВМРО-ДПМНЕ ја поскапи струјата за 100 отсто, ниту фактот дека ВМРО-ДПМНЕ всушност се финансирала од поскапата струја што ја плаќаа граѓаните и стопанството.
Поранешен директор на АД ЕЛЕМ во судско сведочење јавно кажа како носел пратки кај тогашниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Божиновски и како Божиновски му се јавувал да ургира компании кои добиле тендери од тогашното АД ЕЛЕМ, да и помогнат на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ се разоткриени, затоа граѓаните ги казнуваат на три последователни избори и затоа не се приклучуваат на лицемерните протести на губитникот Мицкоски.
ВМРО-ДПМНЕ не знае за ништо друго освен да брани криминал и да шири лажни вести. И самиот Игор Јанушев за кој има предмет, за злоупотреба на службена положба каде се сомнева дека го оштетил буџетот за 5 милиони евра, очигледно кога вели мафија мисли на себе и ВМРО-ДПМНЕ.
Правда ќе има за секој, тоа е најголемиот страв на Јанушев и ова деструктивно ВМРО-ДПМНЕ на поразениот Мицкоски“, соопшти СДСМ.
МИА/Фото: Фејсбук/Мицкоски
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Голем протест на ВМРО-ДПМНЕ: Да се врати старата цена на струјата