Ваков демократски дијалог треба да има на сите нивоа. Добро е што ставот изутрината искажан од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски практично е променет и различен од ова што го слушнав на денешната средба, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени во државата, тоа е заеднички заклучок и клучна порака од оваа средба, изјави премиерот Димитар Ковачевски по лиерската средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Ковачевски вели дека ваквите одлуки се одлуки на сите политички партии, на целото општество, бидејќи, како што рече, ова не е процес на еден човек и една политичка партија, на една Влада, туку процес во кој треба да учествуваат сите за подобра и попросперитетна иднина.
– Се прави јасна дистинкција за тоа дали ќе ја интегрираме државата во ЕУ или ќе ја оставиме изолирана, што сметам дека е добро дијалогот што се води да продолжи и на крајот да изградиме заеднички став дека за државата е најдобро да биде интегрирана во ЕУ.
Моја цел и заложба на Владата е овој процес на евроинтеграции да биде успешен, затоа што предвид ги имаме стратешките цели на државата. Ова е веќе стратешка цел и на нашите земји партнери како во ЕУ и НАТО, така и на САД. Сите недвосмислено кажаа дека сега е моментот за проширување на ЕУ и за влез на државите од Западен Балкан, пред се Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, рече Ковачевски.
Според него уставните измени, односно вклучување на други делови на народи во Преамбулата на Уставот се чекор напред на овој европски пат.
На средбата, како што појасни, премиерот предложил да го направат следниот чекор заедно и заедно да ги изгласаат уставните измени бидејќи, како што кажа, тоа е вистинското решение што граѓаните го очекуваат од нив.
-Дадов предлог до Мицкоски доколку се сложат заеднички и консензуално да пристапиме кон остварувањето на оваа стратешка цел и сите заедно да ги гласаме уставните измени. Доколку сите заедно ги изгласаме, тогаш предложив дека веднаш после гласањето може да одиме на избори и тоа е став кој го имам кажано јавно пред неколку месеци.
Во текот на изминатиот период сфатив дека за нив е важно да бидат дел од власта и за да покажеме дека ние како Влада не сме ориентирани кон добивање политички поени само за себе и дека не сме водени од свој партиски интерес и дека не сме фокусирани само на резултатот на следните избори, предложив заеднички да го изгласаме отворањето на Уставот со две третини и веднаш утредента ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници на ВМРО-ДПМНЕ, рече Ковачевски.
На тој начин, според него, ќе обезбедат влада која обединува и која ги обединува сите политички партии кои се за евроинтеграција.
-На тој начин таа влада во која ќе бидат сите партии кои се за евроинтеграции ќе го спроведе процесот на уставни измени, ќе го заврши скрининг процесот кој е во тек, ќе го затвори процесот на уставните измени и ќе ги отвори поглавјата како втора фаза од преговарачкиот процес и дури може и да затвори едно или две од поглавјата кои се дел од вториот кластер и истата таа влада, ќе може да ги организира и следните избори.
На тоа додадов дополнително дека за да обезбедиме, иако тоа е веќе обезбедено во преговарачката рамка со сигурност, но тоа стои во преговарачката рамка, уставните измени кои ќе се донесат во своите завршни и преодни одредби да имаат одредба со која важат во моментот на одржување на втората меѓувладина конференција која е и закажана без никакво одлагање, посочи Ковачевски.
Се друго вон тоа, додаде, е разговор надвор од преговарачката рамка, бидејќи таа е донесена од страна на сите 27 земји членки на ЕУ.
-Мицкоски сметаше дека некои партии не требале да бидат дел од Владата, но нас ни треба влада која ќе биде широко обединување на сите, која ќе има јасна цел. Тоа ќе биде влада на обединување, на европска интеграција а нема да биде влада на изолација и дестабилизација, други сценарија можат да доведат до други резултати во општеството, додаде премиерот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ДУИ прифати да не биде дел од владата што би се формирала по усвојувањето на уставните измени
МИА/Фото: Влада/видео: МИА