еМагазин
Image default
На кафе во Кантина ТОП СТОРИИ

Вилма Русковска: Политиката ми затвори многу врати

Откако дојде на позицијата шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, поради предметите, но и поради нејзината личност и карактер, обвинителката Вилма Русковска постојано е во фокусот на јавноста.

Во рубриката на еМагазин „На кафе во Кантина„ таа за прв пат открива детали и од нејзинот приватен живот.

Воспитувана државата да и биде на прво место

Нејзините родители и двајцата учесници во Народноослободителната војна против бугарските и германските фашисти имале големо влијание врз нејзиниот развој.

„Мајка ми, која е Штипјанка во 1943 година завршила во бугарски затвор во Скопје. Познато е како ги третирале македонските борци во затвор во тоа време. Откако бугарскиот цар Борис е убиен, таа е амнестирана. Две години подоцна се борела и на Сремски фронт.

Татко ми пак е закопан со „бугарски куршум„. Тој бил комесар на дивизија. За време на војната е ранет, а куршумот го носел цел живот, бидејќи му било посочено дека ако се направи интервенција за да се извади ќе настанале компликации„, раскажува таа.

Вели дека и таа е растена и воспитувана во тој дух, државата да и биде на прво место, пред семејството, роднините, пријателите…

„Татко ми целиот свој живот го посвети на државата. По војната извесен период беше и началник на полиција, а кариерата ја заврши во републичкото Обвинителство“, раскажува Русковска.

Сакав да бидам адвокат

Тоа што и нејзиниот покоен татко бил во обвинителски води, бил заменик-републички обвинител, имало влијание и таа еден ден да покаже интерес за таа област.

За периодот за нејзиното детство вели дека бил безгрижен и забавен. Вели дека е среќна што растела во време без интернет и електроника, која е значен дел од секојдневието на денешните деца.

„Бевме многу иновативни во играта и голем дел од денот поминував на улица со другите деца смислувајќи разни игри. Секако, бев многу посветена и на училиштето, па имав обичај да станувам многу рано за да учам, за да имам доволно време за се.

И тогаш, а и сега многу сакав да читам и не мислам само на книгите кои беа задолжителни во училиште. Проблемот е што сега имам многу помалку време, па најчесто читам кога патувам„, раскажува таа.

Средно училиште завршува во скопската гимназија „Јосип Броз Тито“, смер општа гимназија.

По завршувањето на средното образование сакала да студира политички науки во Белград, но нејзинот татко не бил среќен за нејзината желба, па откако размислила за предностите и недостатоците за таа нејзина желба се решила да студира во Скопје на Правниот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј„.

„Татко ми знаеше дека ако јас наумам нешто, дека тоа и ќе го остварам, но сепак на крај увидов дека подобро е да студирам во Скопје. Татко ми имаше желба да студирам медицина, но мене тоа воопшто не ме интересираше. Ми велеше ако студираш право, цел живот ќе се занимаваш со туѓи проблеми“, вели таа.

Од начинот како тогаш била поставена наставата на Правниот факултет не е баш импресионирана.

„Ни фалеше пракса. Во текот на студирањето не однесоа само на едно судење во трета година„, вели таа.

По завршувањето на студиите, вели дека немала планови да стане обвинител, туку адвокат.

„Со татко ми се договоривме да волотирам во суд и Обвинителството, па да отвориме адвокатска канцеларија. За жал татко ми почина и плановите отпаднаа„, вели таа.

Влегов и цел живот не „мрднав“ од Обвинителство

За да го положи Правосудниот испит почнала со волонтирање во скопското Обвинителство.

„Влегов таму и цел живот не „мрднав“ од таму“, вели таа.

Во 1990 година го полжува Правосудниот испит, по некое време станува стручен соработник во скопското Обвинителство, а седум години подоцна станува и заменик-обвинител.

Во 2004 година е дел од тимот на пет обвинители кои го формираат тогаш посебниот сектор, а од 2008 година посебно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое функционира во рамките на Јавното обвинителство.

„Тогаш бевме пет луѓе во една канцеларија, а денеска не ни е проблем просторот, туку кадар и се разбира средства за успешно функционирање.

Со новиот Закон за јавно обвинителство, кој е веќе на сила треба да добиеме повеќе средства, но работите поради корона-кризата се сменија и ќе треба за повеќе средства да го почекаме Буџетот за 2021 година.

Моментално поради бројни истраги кои ги водиме, од кои дел се поврзани со меѓународни текови, ни фалат средства за преведувачи„, вели таа.

Од пред извесно време беше објавен и оглас за пет нови обвинители во оваа Обвинителство, кој е завршен, а за тоа кои ќе и бидат новите колеги и дали меѓу нив ќе има и обвинители од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), кои исто така конкурираа на овој оглас ќе одлучува Советот на јавни обвинители.

Немам амбиции да го водам Јавното обвинителство

Од 2018 година е на чело на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

„Уште додека волонтирав си реков никогаш не би сакала да го водам Јавното обвинителство или скопското Обвинителство. Првото е прегломазно. Јас сакам да ги имам работите под контрола.

Другото е повеќе менаџирање, а јас сум оперативец„, вели на нашето прашање дали би дошла на местото на Љубомир Јовески, кој откако стапи на функцијата прв човек на Јавното обвинителство, беше преставен како привремено решение, а нејзиното име се споменуваше како негов наследник.

Политиката во суштина секогаш ми затвора многу врати

За обвинувањата дека стигнала на оваа позиција благодарение на нејзината наводна блискост со актуелната власт, вели дека никогаш не била, ни па планира да биде член на некоја политичка партија.

На последните парламентарни избори дури и се најде во изборен спот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за што поднесе тужба, која неодамна беше одбиена.

Нејзиниот адвокат најави дека ќе ја обжали истата.

„Во суштина мене политиката ми затвори многу врати. Сум била единствено член на Сојуз на комунисти, но тие се растурија и тогаш многу ми олесна.

Никогаш не сум дозволила политиката да ми се меша во работата, а реално никој и не се обидел.

Не ја добив оваа позиција, туку ја заслужив со мојата работа“, вели таа.

Најтежок ден во кариерата ми беше кога одлучував за притворот на Катица Јанева

„Детонатор“, „Франкфуртска мафија„, „Диво населје„, „Насилство во Собрание„, „Организатори на насилството во Собрание„, „Рекет“, се дел од бројните предмети на кои работела, а кои предизвикаа голем интерес во јавноста.

„Оваа се обемни предмети, кои бараат многу работа за да се обезбедат вистинските и издржани докази“.

Вели дека секое влегување во судница е голем стрес, но и дека никогаш не се плашела.

„Ако не си подготвен да се носиш со ризикот на оваа професија, не треба да си обвинител. Јас лично си ја сакам својата работа и секој нов предмет ми е нов предизвик, па затоа можам да кажам дека секое мое влегување во судница досега вредеше и покрај стресот.

Секако најголемо е задоволството кога судот за предметите ќе пресуди високи казни“, вели таа.

Вели дека не размислувала да конкурира да го води СЈО, поради тоа што цело време ќе биде во фокусот, но и се случило токму тоа, откако го води Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, но и дека сепак може да се носи со функцијата и последиците од неа.

За најтежок ден во нејзината досегашна кариера го смета денот кога требало по предлог на судија по претходна постапка да одлучува за притворот на нејзината колешка, поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева, која е осудена за предметот „Рекет“.

Сум за ветинг на судиите, но на јавен и транспарентен начин

За големата разочараност и незадоволство од работата на судиите и обвинителите во Македонија од страна на македонските граѓани, вели дека како и во секоја професија, и во судството има одлични професионалци и секако кадри кои не си ја вршат работата како што треба.

„Свесна сум дека е таков впечатокот на граѓаните. И да, јас сум за ветинг на судиите, но тоа да се направи на јавен и транспарентен начин, како што на пр. беше случајот со изборот на новите членови на Државната комисија за спречување корупција“, вели таа.

За повторното актуелизирање на помилувањата од страна на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, откако истите „завршија“ во Судот за човекови права во Стразбур, вели дека тоа е резултат на неажурноста на Уставниот суд, кој не се произнесе за истите.

Лек за стресот вежбање и дружење со пријателите

Лекот за стресот кој го носи нејзината работа го „лечи„ со редовно вежбање на пауер плеј, како и дружење со пријателите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Лидерите на ДОМ, ДС и ЛДП кај Пендаровски за „францускиот предлог“

Редакција

По кој пат излажаа за новиот автопат Миладиновци -Штип и зошто имаат потреба од тоа

Редакција

Објавен нов повик за приватните превозници, тие најавија учество со три нови фирми

Редакција