Претставници на власта и на опозицијата на денешните разговори за законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) ги приближиле ставовите во делот на зголемувањето на Буџетот на обвинителството, како и за изнаоѓање модуси за поголема одговорност на вработените и обвинителите.
Заменик министерот за правда Оливер Ристовски по средбата што се одржа во Владата изјави дека со опозицијата биле отворени темите за финансирање на Обвинителството воопшто и темата за одговорноста на обвинителите.
„Тука имаме приближување на ставовите, во делот на зголемувањето на Буџетот што би го имало Обвинителството во Република Северна Македонија. Значи да го зголемиме Буџетот на Обвинителството, како би добиле поголема самостојност како орган. Разговаравме и за изнаоѓање модуси за поголема одговорност на вработените и на самите обвинители. Во овој момент имаме приближување на ставовите, мислам дека тука можеме да изнајдеме заедничко решение во Законот“, рече заменик министерот Ристовски.
Тој додаде дека состаноците и разговорите за законот за Јавното обвинителство, кој е во собраниска процедура, а за кој меѓународната јавност даде позитивна оценка за текстот, ќе продолжат и во текот на оваа недела и дека измените кои ќе се договорат, ќе одат амандмански во Собранието.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски изрази задоволство бидејќи, како што рече, средбата била конструктивна и се договориле околу финансирањето на обвинителството и за поголема одговорност на обвинителите.
„За двете прашања што денеска беа отворени е постигнато приближување на ставовите. Првото е начинот на финансирање и зголемување на буџетската независност на државното Јавно обвинителство, каде што гледаме дека горе – долу имаме некои слични концепти и приближување на ставовите и второто е зголемувањето на одговорноста на самите обвинители како поединци, но исто така и на обвинителствата како структури“, рече Милошоски.
Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција изрази надеж дека ќе се најде решение, дека власта веќе прифатила повеќе предлози на опозицијата и оти го разгледува законот предложен од ВМРО-ДПМНЕ.
Заев ја отфрли можноста за условување на поддршката од опозицијата за законот со одржување предвремени парламентарни избори.
За Предлог – законот за Јавно обвинителство што го предложи Владата, претседателот на Собранието Талат Џафери закажа седница на 27 август.
Предлог-законот, за кој е потребно двотретинско мнозинство, е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Заев: Ќе се најдеме во непријатна состојба ако не се донесе законот за Јавно обвинителство
Заев: Не ја предложив јас Русковска за шеф, не ми се допаѓаше ни мене пред пет години
Русковска: Во СЈО има многу добри обвинители, со задоволство би соработувала со нив