Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со активната блокада во Собранието, но нема да ги кочи законите кои се во интерес на граѓаните, а нејзиниот координар или пак друг претставник на опозициската партија нема да присуствува на координациите со претседателот на Собранието, Талат Џафери, изјави денеска за МИА координаторот на оваа пратеничка група, Никола Мицевски.
Опозицијата во Собранието ќе бара информации за трошењето на парите од страна на институциите поврзано со кризната состојба.
Мицевски не присуствуваше ниту на денешната прва координација со Џафери и колегите од другите пратенички групи по колективниот одмор, а неприсуството го образложи со обвинување дека претседателот на Собранието не се придржувал до она што било договорено и ги менувал одлуките врз основа на договорите со претставници од владејачкото мнозинството.
– Не гледаме причини да одиме. Она што се договараме понеделнички на координација веќе во вторник не важи, вели Мицевски.
Пред годишните одмори на брифинг со новинарите, потенцира тој, Џафери рече дека Парламентот завршува со работа на 28 август и после уцената од Алтернатива на 29 август Собранието работеше.
На седницата откако ВМРО-ДПМНЕ замина од салата немаа доволен број пратеници за да го изгласаат она што го доворија со Алтернатива, додаде Мицевски наведувајќи дека има многу такви причини зошто опозицијата да не оди на координации.
На прашањето како ќе се договараат за работата и функционирањето на Собранието и дали имаат неформални средби со Џафери, Мицевски рече дека за тоа ќе се договараат претседателите на комисиите и пратениците, кои редовно се информираат меѓусебно.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ очекува дека ќе продолжи седницата за уставните судии, а најави и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе бара информации за прогласување на кризните состојби, како и извештаи за тоа што е потрошено од страна на институциите.
Мицевски рече дека ќе реагираат за сите штетни закони кои овозможуваат можност за договори во четири очи.
МИА