Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев обвини дека денеска во Собранието се случувало вистинска драма.
Структури на власта и структури кои одработуваат за оваа власт, вршат жестоки уцени, закани и притисоци врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. Собранието на Македонија се претвори во пазар и арена на притисоци, закани и уцени. Денес добива совршена смисла се она што се случуваше во изминатава година ипол.
“Во Македонија се апсат луѓе заради политички прогон, а денес се пробува да се тргува со нивната слобода. За возврат се бара поддршка на уставните измени, произлезени од договорот со Грција. Се ветуваат парични награди за послушните, а доколку не се прифати, се местат сведоци, се креираат случаи. Се врши влијание на блиски роднини на пратеници, се врши заплашување. Политичкото обвинителство да обвинува, политизираното судство да суди, а Заев да договара, товари или ослободува луѓе“, рече Јанушев.
Тој посочи дека на еден пратеник му се понудени еден милион евра за да гласа за договорот и истите се одбиени.
„На друг пратеник му се понудени два милиони евра, на трет 250.000 евра. Сето ова е одбиено, бидејќи достоинството нема цена. Се работи за нашата татковина. Дополнително се активираат полициски структури, структури на безбедносните служби, а околината на самото Собрание е под опсада на ликови со бричени глави кои се познати на подземјето“, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ лаже дека се нудени пари, ќе поднесеме тужба
ВМРО-ДПМНЕ: Сметаме дека денешната седница е завршена