Секој проект поврзан за Град Скопје, кој е во вистинска насока, без разлика дали е од градоначалничката Данела Арсовска или од мнозинството во Советот ќе ја има нашата поддршка.
Секој проект кој цениме дека не е во насока на добрите политики ние нема да го поддржиме, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање дали Арсовска се уште има поддршка од него.
Тој по денешниот состанок со претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, рече дека за него е важно Скопје да се развива и затоа поддржале независен кандидат.
– Но, во животот имате моменти кога ќе видите дека очекувањата не се исполнуваат и тогаш патиштата може едноставно да ви се разотидат. Важно е патот на ВМРО-ДПМНЕ да е оној кој е вистинскиот, а Скопје да биде метропола, и преку советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе продолжиме така да делуваме, рече Мицкоски.
Тој во однос на доскорешниот генерален секретар во Град Скопје, Ѓоко Велковски и разрешениот в.д. директор на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, истакна дека апсолутно ги поддржува и оти верува во нивното чесно работење.
– Вистината е следна, и Ѓоко Велковски доскорешниот секретар кој денеска ја напушти таа позиција и Златко Перински имаат моја недвосмислена поддршка, верувам во нивниот чесен карактер и чесно работење и тие остануваат дел од плановите на ВМРО-ДПМНЕ и во иднина.
Што се однесува до Перински можам да кажам дека постигнува исклучително високи финансиски резултати во работењето на ЈП Водовод откако е поставен. Во првиот квартал има зголема добивка, за 50 милиони денари поголема наплата и тоа се резултати за почит, јас би посакал да имам таков соработник, а некој за жал не успева да ги искористи нивните капацитети, рече Мицкоски.
Во врска со набавката тој потенцираше дека таа е од 2019 година кога, како што рече, градоначалник бил некој друг и оти е проект финансиран од Светска банка преку Европската инвестициска банка, зад кој стои државата со свој претставник, Министерството за животна средина.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
Каков имот пријавил Златко Перински, директорот на ЈП Водовод и канализација, кој е разрешен
Велковски вели дека не е разрешен, си дал оставка оти бил разочаран од градоначалничката Арсовска
Поради влијание во тендерска постапка разрешен и секретарот на Град Скопје, Ѓоко Велковски
МИА